Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ ги повика надлежните да покренат постапка за разрешување на вклучените во носењето на пресудата и ја повика Управата за јавни приходи да го испита потеклото на имотот на судијата кој ја донесе пресудата
Ниски, срамни, далеку од правото и правдата – вака пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ ги оцени пресудите на Основниот суд Тетово според кои, на поранешните директори на тетовската Клиничка болница, Флорин Бесими и Артан Етеми, им е одредена казна затвор од по една и пол година во врска со пожарот во тетовската модуларна болница во кој загинаа 14 луѓе.

Петрушевски оцени дека ваквата пресуда е класичен пример дека правосудството, однодно одредени поединци, постапуваат по волјата на СДСМ и ДУИ и не судат по правните норми.
„Кога веќе знаат да влијаат врз судството, Венко Филипче и Али Ахмети да отидат дома кај семејствата на жртвите и да ги погледнат во очи и да им објаснат зошто е донесена ваква срамна пресуда. По ваква пресуда, ни останува само едно, да ги повикаме надлежните, а воедно и да најавиме до сите вас, итни и неодложни реформи во правосудниот систем. Ова е пресуда од која се незадоволни сите. Ова е пресуда која го крева народот на нозе“,
рече Петрушевски на прес-конференција пред Кривичниот суд Скопје.
Тој ги повика надлежните да покренат постапка за разрешување на оние кои се вклучени во носењето на ваквата судска пресуда за пожарот во модуларната болница во Тетово. Упати повик и до Управата за јавни приходи (УЈП) да го испита потеклото на имотот на судијата кој ја донесе пресудата.
„ВМРО-ДПМНЕ е категорично против сите кои го контролираат правосудниот систем и ќе е поддржи секаков израз на незадоволство од пресудата донесена од судијата кој очигледно работи по желбите на Филипче и Ахмети“,
додаде Петрушевски.
Основниот суд Тетово претходно денеска ја изрече пресудата од повтореното судење за пожарот во тетовската модуларна болница. Според одлуката на Судот, на поранешните директори на тетовската Клиничка болница, Флорин Бесими и Артан Етеми им е изречена казна затвор во времетраење од по една и пол година, а Клиничката болница како правно лице е казнета со парична казна од од еден милион денари.