Петрушевски го обвини Филипче дека ја користи резолуцијата за црвените линии за македонските евроинтеграции за да направи профит за Бугарија, додека во исто време отвора „пат за нови зделки, негови и на Заеви, во таа држава“

Венко Филипче е дел од „бонбона бизнис“ со Бугарија, кој отвора пат за нови зделки со фирмите на семејството Заеви во таа држава, изјави на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
Петрушевски го обвини Филипче дека ја користи резолуцијата за црвените линии за македонските евроинтеграции, за да направи профит за Бугарија, додека во исто време отвора „пат за нови зделки, негови и на Заеви во таа држава“.
Петрушевски на прес-конференцијата изнесе информации за фирма формирана од Филипче.
„На 18 ноември 2022 година Венко Филипче во Бугарија ја формирал фирмата ’Пауер АИ8 ЛТД’ (POWER i8 Ltd). И истата ја регистрирал на адреса со фирмите на Заеви, меѓу кои и ’Гомасидра’, каде завршија 9 милиони евра од јагленот за РЕК ’Битола’“,
рече Петрушевски.
Според Петрушевски, откако Заеви и Филипче „свртиле 9 милиони од јагленот преку бугарските фирми во Македонија“, тие потоа во Дојран основале фирма за производство на струја од фотоволтаици.
Петрушевски упати неколку прашања до Филипче и до Заеви.
„Дали парите извадени од РЕК ’Битола’ дел ги внеле во бизнис со струја во Македонија, а другиот дел го вртат по светот? Што ѝ должат на Бугарија кога за сите овие операции ја користеле таа држава?“,
праша Петрушевски.
Тој побара одговор и дали со „бонбона бизнисот со резолуцијата“ сакаат да ја покажат нивната „кооперативност и подготвеност за идни трговии со државните интереси“.