Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ обвини оти лидерот на СДСМ бега од реформската агенда и од законот за едно државјанство, штитејќи ги исклучиво бизнис-интересите на поранешниот премиер притоа блокирајќи го напредокот на државата
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, не може да зборува за патриотизам и државни интереси бидејќи неговиот вистински дом е во Дубаи и Обединетите Арапски Емирати, рече пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција во партиското седиште.

Според Петрушевски, јавноста секојдневно сведочи дека Филипче дејствува исклучиво како слуга на поранешниот премиер Зоран Заев, ставајќи ги неговите бизнис-интереси пред потребите на државата.
Тој го обвини лидерот на СДСМ дека намерно бара изговори и бега од суштинските теми поврзани со реформската агенда, а како конкретен пример, го посочи противењето на опозицијата за законските измени со кои се предвидува секој пратеник во Собранието да смее да поседува исклучиво македонско државјанство.
„Наместо поддршка за реформи и законски измени, тие само обвинуваат. И кој обвинува? Лица чиј самонаречен претседател, а реално слуга на Заев, има дом во Дубаи. Јасно е дека Филипче и неговиот газда Заев се само пример за лоши политичари со погрешни приоритети“,
кажа Петрушевски.
Петрушевски потсети на периодот кога СДСМ ја предводеше извршната власт, посочувајќи дека токму Заев и Филипче го воделе системот кој на граѓаните им ветувал правда, подобар живот и европска иднина, а реалноста, како што кажа, е оти граѓаните сведочеле на корупција, криминал, партизиран правосуден систем и лажни тврдења дека преговорите со Брисел се започнати.
„Токму тие кои сега сакаат да зборуваат за патриотизам и државни интереси, распродадоа сè. По создавањето на вакви проблеми, тешко е враќањето на вистинскиот пат. Но, државата сега ја води ВМРО-ДПМНЕ, која е тука за секој еден граѓанин“,
заклучи тој.
