Изјавата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа по интервјуто на ексдиректорот на АНБ, Виктор Димовски за „360 степени“, кој останува на тврдењето дека за време на својот директорски мандат тогашниот лидер на опозицијата и актуелен премиер Христијан Мицкоски не бил прислушуван и следен
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска го посочи поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, како главен извршител на наводното прислушување, чиј таргет бил и премиерот Хрстијан Мицкоски како тогашен лидер на опозицијата, наведувајќи дека попусти се обидите на Димовски да се извлече.

Ставот на партијата, што го пренесе пратеникот Бране Петрушевски, е своевидна реакција на интервјуто на Димовски за „360 степени“, во кое категорично ги отфрла наводите дека има документација која се однесува на прислушување и следење на Мицкоски, додека тој бил на чело на АНБ.
„Главен извршител бил Виктор Димовски и свесен за последиците од признанието на СДС во паника негира и бега од последиците на своето делување. Виктор Димовски многу добро знае што правел, и какви кривичноправни последици има тоа. Виктор Димовски да признае што правел и по чија наредба од врвот на политиката“,
рече Петрушевски на денешната прес-конференција пред партиското седиште.
Во тој контекст, пратеникот ги спомена и поранешниот лидер на СДСМ и поранешен премиер, Зоран Заев, актуелниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски и Врховниот суд.
„Следењето и прислушувањето не би било можно без директна дозвола од Зоран Заев, затоа што во целиот систем бил вклучен и Љупчо Коцевски од Јавното обвинителство, кој подоцна е избран за републички јавен обвинител и Врховниот суд“,
изјави Петрушевски.
На почетокот на своето обраќање, пратеникот рече дека опозицискиот Социјалдемократски сојуз признал дека преку АНБ и Агенцијата за разузнавање го прислушувале и следеле претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Мицкоски, додека бил во опозиција и оти попусти се обидите на Виктор Димовски да се извлече од случајот.
„СДС призна дека 5 години го следеле претседателот Мицкоски. Тоа значи дека не само тој, туку и неговото семејство биле предмет на следење на тајните служби. Овие служби, наместо да го штитат интегритетот на државата и граѓаните, тие биле маша за политичка борба и притисок на СДС“,
рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ порачувајќи дека „овој скандал на злоупотреба на службите не смее да остане несанкциониран“ и дека мора да има одговорност.
Изјавата на Петрушевски доаѓа по интевјуто на ексдиректорот на АНБ, Виктор Димовски, „за „360 степени“, кој останува на тврдењето дека за време на неговиот директорски мандат тогашниот лидер на опозицијата и актуелен премиер Христијан Мицкоски не бил прислушуван и следен.
„Тврдам дека немало никаква документација што се однесува на прислушување и следење на поранешниот лидер на опозицијата, а доколку такво нешто постои, немаше да има потреба од ништо од ова што се случува, од овој циркус во парламентот, немаше потреба можеби и оваа емисија да ја имаме, ако одлучеа на едноставен начин да се декласифицира документацијата и да се објави“,
вели тој.
Инаку, владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиот СДСМ изминатите денови се во жестока кампања на меѓусебни обвинувања, откако премиерот и актуелниот директор на АНБ, Бојан Христовски, во понеделникот потврдија дека е доставена документација до Обвинителството за гонење органзииран криминал и корупција за наводни злоупотреби во Агенцијата во периодот од 2019 до 2024 година.
Опозициската партија преку серија прес-конференции насловени „Вистината за АНБ“ обвинува дека власта одбива да ги декласифицира документите кои би требало да го расветлат случајот со наводното следење на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, од друга страна, тврди дека СДСМ го признал незаконското следење додека биле на власт. Дел од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ скандалот го израмнија со обид за државен удар.
ПОВЕЌЕ НА ОВАА ТЕМА:
- Седницата на собраниската Комисија за надзор над АНБ повторно одложена, ќе се одржи на 10 септември
- ОЈО ГОКК и АНБ денеска ја договориле динамиката со која ќе се врши увидот на документацијата за наводите за незаконско прислушување
- Мицкоски треба да одговори дали комуницирал со групи кои биле следени и зошто, вели Филипче
- Стојаноски: Скандалот со прислушувањето се граничи со државен удар