Според еден од иницијаторите за вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, Заев треба да му заблагодари на Мицкоски затоа што повторно е премиер
Низата победи на ВМРО-ДПМНЕ завршија со доаѓањето на Христијан Мицсоски на чело на партијата. Денеска се формира вторпат влада на Зоран Заев, кој најголема благодарност му должи на Мицкоски, оцени денеска на прес-конференција Филип Петровски, еден од иницијаторите за вонреден конгрес во наголемата опозициска партија.
„Доколку беше малку помудар Мицкоски, Заев немаше вторпат да биде мандатар и да состави влада. Сепак, Мицкоски, како шпицен кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на овие парламентарни избори, промаши празен гол. Денес во Собранието се избира влада. За жал, таа влада не е онаа влада за која што Извршниот и Централниот комитет го овласти Мицкоски да ја состави, туку се бира влада на Заев“,
рече Петровски.
Ова, дополни тој, е уште еден од низата порази што ги претрпе Мицкоски и денеска ја губи последната битка, односно ја губи битката за состав на владата.
„ВМРО-ДПМНЕ и членството на нашата партија знае како се победува. Ние победувавме дури 10 пати во низа до пред извесно време. Таа низа е прекината од доаѓањето на Мицкоски на чело на партијата. Ние сметаме дека мора да има одговорност. Одговорноста ќе дојде со повикување од наша страна за вонреден конгрес – утврдување на последиците, односно зошто се загубени изборите и избор на ново раководство и претседател“,
рече Петровски.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека за време на кампањата ВМРО-ДПМНЕ се рекламирала во медиуми кои се под нејзина контрола за што биле платени околу 277 илјади евра и дека тоа се воглавно медиуми коишто шират лажни вести, кои немаат читаност, меѓутоа служат за пропаганда. Со таквие медиуми, како што рече, тие формираат една слика дека ова било победа.