Нејзина претпоставка е дека целата, како што ја нарече, манипулација со наводите за прислушување е подготовка за следниот чекор на актуелната власт – спојување на двете агенции (АР и АНБ), со цел директор на новата агенција да биде човек без никакво искуство во безбедносниот и разузнавачкиот сектор
Ние немаме што да криеме. Се сомневаме дека власта има што да крие. Затоа, по нашето повеќедневно инсистирање за декласификација, можеби ова одложување е резултат на страв од таа декласификација, рече пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, која на прес-конференција во Собранието даде свое појаснување за закажаната, а потоа одложена седница на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за разузнавање (АР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ).

На седницата на ова собраниското тело, што беше закажана за денеска и со која требаше да претседава Петровска, единствена точка на дневен ред беше предлог-заклучокот за вршење надзор над работата на АНБ во просториите на Агенцијата откако актуелниот директор на оваа институција, Бојан Христовски, и премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, излегоа со наводи дека имало незаконско прислушување во периодот од 2019 до 2024 година.
Петровска, на почетокот на своето обраќање пред новинарите, рече дека како што и претходно соопшти нејзината партија, тие остануваат на ставот дека е потребен надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност, поврзано со случајот што го обелодени власта.
Во врска со седницата, кажа дека вчера, како членка на Комисијата, добила известување дека треба да претседава со седницата закажана за денеска. Но, утрово, рече таа, преку писмо од претседателот на Собранието Африм Гаши со другите пратеници (членови на Комисијата н.з.) била известена дека седницата се одложува.
„Од она што неофицијално успеав да разберам, станува збор за утната процедура или погрешна примена на Деловникот, и поради тие причини седницата е одложена. Како пратеничка и како членка на Комисијата, не бегам од одговорноста да претседавам тогаш кога, согласно Деловникот, ќе бидам задолжена од претседателот на Собранието. Дали тоа ќе биде денеска во 14, 15, 17 или 22 часот, апсолутно немам никаков проблем. Затоа што, како што кажав и вчера, и мене лично, како пратеничка на СДСМ, ни е од интерес надзорот да се спроведе и граѓаните, а и јавноста, да бидат информирани за наодите и информациите до кои ќе дојдеме. Секој друг обид за шпекулации, сценарија или префрлање вина (на релација) власт-опозиција-ДУИ и така натаму е неприфатлив, бидејќи се покажува дека поединци во Собранието немаат сериозен пристап кон ова прашање“,
рече таа додавајќи дека она што би било откриено со ти документи најверојатно нема да биде пријатно за претставниците на сегашната власт.
Петровска, дополнително кажа дека од она што нејзе ѝ е познато, е дека вчера и претседателот на Комисијата, Скендер Реџепи не бил информиран дека таа ќе претседава со ова собраниско тело. Според неа, Реџепи и пренел забелешки дека известувањето за закажување на седницата не е во согласност со Деловникот и дека до него не е доставена никаква иницијатива или барање за свикување на седницата.
„По проверка во службите, ми потврдија дека навистина таква иницијатива не била доставена. Затоа, дали е доставена до претседателот на Собранието – немам информација. Но, од она што неофицијално ми беше кажано, е дека и таму не е доставена. Повторувам, јас сум подготвена, кога и да се закаже, да претседавам и тоа да го направам“,
рече пратеничката на СДСМ.
Таа ја обвини власта дека е несериозна во пристапот за ова прашање, особено затоа што станува збор за т.н. скандал што тие го откриле за сега да пропуштаат правилно да го применат Деловникот.
Ваквото однесување, вели Петровска, е во најмала рака сомнително бидејќи, според неа, тоа значи дека власта сака вниманието да го насочи кон деловнички интерпретации, оти во суштина не го посакува надзорот.
„Веројатно, токму поради тоа што документите ќе откријат интересни сознанија. Не прејудицирам, само поставувам прашања. Но час поскоро ако се одржи надзорот и ако се декласифицираат тие информации, сите овие дилеми ќе бидат разрешени и ќе ја знаеме вистината“,
рече таа.
Нејзина претпоставка е дека целата, како што ја нарече, манипулација со наводите за прислушување, е подготовка за следниот чекор на актуелната власт.
„Да не се покаже на крај дека целата оваа манипулација е само подготовка за следниот чекор – спојување на двете агенции, со цел директор на новата агенција да биде човек без никакво искуство во безбедносниот и разузнавачкиот сектор. Тоа е моја претпоставка“,
наведе Петровска.
Во врска со датумот за посета на Агенцијата за национална безбедност, Петровска рече дека за ова прашање досега никој не разговарал со неа.
„Можеби го договориле директно со директорот на Агенцијата за национална безбедност. Но, сепак, датумот треба да се утврди на седница на Комисијата“,
рече таа.
Според пратеничката на СДСМ, лесно и за еден ден може да се надмине проблемот со безбедносниот сертификат кој со месеци не му е се издава на претседателот на Комисијата, Скендер Реџепи.
Како што кажа Петровска, Законот за класифицирани информации предвидува можност за привремен сертификат за претседателот на Комисијата, само за потребите на надзорот, кој би важел еднократно.
„Ако постои волја од власта, овој проблем може да се реши уште денес“,
рече таа.
Претседателот на Комисијата за надзор над работата на АР и АНБ, Скендер Реџепи, претходно денеска, исто така на прес-конференција, изјави дека седницата на ова собраниското тело не била одложена, туку поништена. Доколку се одржела, како што кажа тој, тоа ќе било спротивно на Деловникот затоа што претседателот на Собранието Африм Гаши до него не поднел барање за нејзино свикување.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов, пак, рече дека не ги разбрал наводите на Реџепи и предложи во вторник, на 9 септември во 9 часот, пратениците што се дел од Комисијата за надзор над работата на АР и АНБ да појдат во Агенцијата за национална безбедност за да се утврди што се случувало таму, а во врска со наводите за прислушување во периодот од 2019 до 2024 година.