„Од прагматичен пристап спојување можеме да направиме, но не смееме да го сметаме тоа само како физичко спојување и само како донесување на закон. Капацитетот на оваа власт и на тие која ја подготвуваат под тајни превези оваа реформа е всушност во таа насока. Ние само ќе кажеме дека ги спојуваме, ќе бидеме поекономични итн., но се плашам дека суштината ќе ја изгубиме, а впрочем и однесувањето на власта во делот на безбедноста практично тоа и го покажува“, вели пратеничката во неделното интервју за РСЕ
Според неа, овие случувања во безбедосниот сектор може да влијаат на угледот на земјата и на разузнавачката заедница во очите на нашите партнери во НАТО
Пратеничката на СДСМ во Собранието и ексминистерка за одбрана, Славјанка Петровска вели оти нема да биде изненадена ако во наредните неколку недели во парлементот биде поднесе закон за спојување на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнање (АР). Со тоа, како што вели таа во неделното интервју за Радио Слободна Европа, власта на „елегантен“ начин ќе го „разреши“ директорот на АНБ, Бојан Христовски по бројните прашања што ги отвори неговото назначување, и ќе назначи нов директор на таа нова Агенција.
Според неа, актуелната власта нема капацитет да го спроведе спојувањето на АНБ и АР, но под притисок на „скандалот“ со Христовски, ќе сака да го направи тоа што е можно побргу.
„И не би се изненадила ако во наредните неколку недели, до крајот на оваа година тој закон биде поднесен во Собранието, затоа што мислам дека тоа ќе им биде исто така еден „елегантен“ начин како тие да го избегнат повлекувањето на овој директор, едноставно ќе назначат нов на таа заедничка, да речам, разузнавачка служба, односно една Агенција“,
вели Петровска во нејзиниот одговор на прашањето што мисли за идејата за спојување на двете агенции во една.
Околку тоа како би функционирале тие заедно, имајќи го предвид објаснувањето на премиерот, Христијан Мицкоски дека ваква пракса со една безбедносно-разузнавачка агенција има во дел од европските земји, коментарот на Петровска е дека од прагматичен аспект може да се направи спојување. Но, како што додаде, тоа да не биде само физичко, со донесување на закон, туку решението треба да ги опфати и суштинските елементи, а тоа се департизацијата и деполитизацијата на службите.
„Секоја земја е слободна да го уреди, особено делот на безбедносните структури онака како што смета, ѝ прилега или е приспособена на состојбата на државата. Сите држави коишто се членки на НАТО, каде што сме и ние не се во подеднакво геополитичко опкружување, не се соочени со подеднакви предизвици, безбедносни особено. Не се соочени со подеднакво исти закани. Да, голобалните закани се генерални и ги знаеме, меѓутоа секоја земја си има своја специфика и оттука нема наметнување за тоа што треба да се направи од аспект на структурата, односно институциите. Меѓутоа има што треба да се направи од аспект на суштината, а тоа е департизација и деполитизација, процес кој започна, меѓутоа сега очигледно ќе застане и ќе се уназади. Можеме да најдеме примери на земји кои го имаат тоа, тоа се позитивни примери, меѓутоа ако влезете длабоко во суштината како фунцкионираат тие, ќе видите дека и таму има поделени мислења околу тоа дали треба или не треба. Од прагматичен пристап спојување можеме да направиме, но не смееме да го сметаме само како физичко спојување и само како донесување на закон. Капацитетот на оваа власт и на тие која ја подготвуваат под тајни превези оваа реформа е всушност во таа насока. Ние само ќе кажеме дека ги спојуваме, ќе бидеме поекономични итн., но се плашам дека суштината ќе ја изгубиме, а впрочем и однесувањето на власта во делот на безбедноста практично тоа и го покажува“,
вели пратеничката на СДСМ.
Во однос на назначувањето на Христовски и прашањата што тоа ги отвори, Петровска повтори дека многу од нив и понатаму остануваат неодговорени и како партија апсолутно сметаат дека новиот директор на АНБ бил назначен незаконски.
„Апсолутно, и имаме многу аргументи за тоа, бидејќи не сакаме да се сведе се на испраќањее соопштенија од една или од друга страна. А во рамките и на надлежностите на Комисијата за надзор, ние не да вршиме понатаму на било која Агенција надзор, без ралзика дали е тоа АНБ и Агенцијата за разузнавање ако знаеме дека директорот или некој од челната позиција е незаконски поставен“,
рече Петровска во интервјуто.
На прашањето што е за нив поспорно, дали сомневањата околу валидноста на ТОЕФЛ-сертификатот за познавање на англискиот јазик, образованието на директорот или неговиот претходен политички ангажман во ВМРО-ДПМНЕ, пратеничката вели дека сите подеднакво се важни, бидејќи Законот за АНБ во тој дел е јасен.
„Во законот, во членот којшто уредува кои се условите за избор на директор стои се комулативно, едно со друго не се исклучува, така што подеднакво се важни, особено ако зборуваме за фалсификатот кој е направен, тогаш нема дилема дека таков човек, таков лик воопшто не смее да биде ниту во близина на безбедносно разузнавачките служби, а камоли да биде директор, ако навистина се покаже и докаже, и тој изјави дека не е тоа вистината со сертификатот. Гледате колку долго му требаше на Министерството за внатрешни работи да отвори истрага, ако тие беа убедени, тоа ќе го направеа веднаш“,
посочува Петровска.
Според неа овие случувања во безбедосниот сектор може да влијаат на угледот на земјата и на разузнавачката заедница во очите на нашите партнери во НАТО.
„Затоа што партнерските односи значат и дека меѓусебно си помагаме, се разменуваат информации на таа пријателска и партнерска основа, информации кои во даден момент можат многу да значат за државата. Зошто сево ова? За да се исполни нечија лична желба или нечиј личен хир. Не е ова битка којашто власта ја води со опозицијата, ова е постапка со која власта и наштетува на државата и тоа треба да го имаат во предвид“,
вели Петровска.
Инаку, таа во интервјуто зборува и за внатрешените состојби во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и во таа насока смета дека пред партијата стои сериозна обврска да се заврши изборот на раководството.
Вели дека нема амбиција да биде дел од раковдството на органите на СДСМ, што треба да се избира на двата конгреси на партијата закажани за 24 ноември.
„Не јас сакам да останам и ќе останам пратеник на СДСМ и ќе се залагам за се она што во рамки на предизборната кампања за парламентарните избори го пропагирав, се залагав и го претставував пред граѓаните“,
рече пратеничката и ексминитерка за одбрана.
Целото интервју на Петровска за РСЕ може да го погледнете тука.