Во една од двете папки кои ги покажа министерката, кажа дека се крие товарот на минатото на пратеникот Драган Ковачки кој, како што рече, длабоко го боли и поради кој не може да добие НАТО-сертификат
Опозицискиот пратеник, пак, во реакцијата објавена на Фејсбук ја повика министерката да објави сè што како податок го има во врска со неговото минато, но, како што рече, знае оти нема да биде ништо објавено зашто папките кои таа ги покажа се празни
Пратеникот Драган Ковачки се плаши од две работи – се плаши од содржината во овие две папки, кажа министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната прес-конференција, кога ѝ беше поставено прашањето дали обвинувањата кои таа ги добива од овој пратеник имаат некоја подлабока позадина.
Иако тотално невистинити, Петровска вели дека може да ги разбере обвинувањата на Ковачки кон неа зашто, како што кажа, тие се политчки мотивирани со цел нарушување на нејзиниот углед. Сепак, вели дека не може да најде објаснување за нападите кои Ковачки ги прави врз неговите поранешни колеги, односно врз припадниците на Армијата кои, за разлика од него, одбрале да ја задржат униформата и да работат за интерсите на државата.
„Тој се плаши од две работи и сега ќе ви кажам од што. Се плаши од овие две папки“,
рече Петровска и ги покажа двете папки – едната во темносина, другата во светлозелена боја.

Петровска ја покажа папката во темносина боја и кажа дека во неа се наведени сите докази со кои таа ги побива тврдењата на опозицискиот пратеник оти таа крие имот. Во папката, додаде министерката, се содржи и тужбата против Ковачки која е веќе поднесена, а чиј судски процес, како што рече, ќе бара да биде отворен за јавноста.
Министерката потоа ја покажа и втората папка – папка во која, како што рече, се крие товарот на минатото на Ковачки, кој длабоко го боли и поради кој не може да добие НАТО-сертификат.
„Јас не сум дел од неговото минато. Тоа што тој го правел во минатото е негова одлука и за тоа ќе мора да ги сноси последиците“,
рече министерката.
На прашање што конкретно се наоѓа во оваа папка, министерката кажа дека нејзината содржина е класифицирана и не може да ја сподели, но го повика пратеникот Ковачки да излезе во јавноста и да каже за што се работи.
На ова, попладнево реагираше и самиот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Тој во објава на Фејсбук ја повика министерката да објави сè што како податок го има во врска со неговото минато, но, како што рече, знае оти нема да биде ништо објавено зашто папките кои таа ги покажа се празни.
„Изгубена сте во времето и просторот и напаѓате со некакви ‘досиеја’ што ги водите и измислувате во Министерство за одбрана против лица кои не мислат како вас. Потврдивте дека времето на водење на досиеја за лица е повторно вратено во младата македонска држава и потврдивте дека вие како нестручно лице имате пристап до истите тие досиеја“,
се вели во објавата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Пратеникот ѝ порача на министерката да не ја дефокусира јавноста и да не бега од одговори на прашања кои, како што рече, и понатаму ќе ѝ бидат поставувани, откако на денешната прес-конференција таа рече оти отсега нема да одговара на ниедно негово прашање.
„Од денеска па натаму немам намера да одговорам на ниедно негово прашање затоа што тој не го заслужува вниманието ниту на Министерството за одбрана ниту на припадниците на Армијата“,
рече министерката на прес-конференцијата.