Во своето обраќање на Конгресот, Петровска предложила измени во Статутот на партијата во однос на изборот на претседателите на општинските организации, како и ветинг за сите сегашни и поранешни носители на функции и на членовите на раководството на партијата, со цел да не се повторуваат, како што вели, непристојни објави „едни против други“
Социјалдемократијата е жива, но ако не почнеме да се менуваме, како партија ќе бидеме маргинализирани, а во крајна линија ќе исчезнеме, вели членката на СДСМ и поранешна министерка за одбрана, Славјанка Петровска по денешниот 31. Конгрес на Социјалдемкократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).

Петровска била еден од говорниците на Конгресот, на кој, како што наведува во објавата на Фејсубук, дала свои предлози за демократски промени и за зачувување на единството во партијата.
Таа вели дека не било лесно да се зборува на партиски конгрес под два тешки изборни поразни, но како што додава тоа е обврска на секој социјалдемократ.
Оценувајќи го последниот пораз на локалните избори одржани минатата година како катастрофален, таа смета дека тој бил резултат на отсуството на дискусии за изборните порази на парламентарните избори во 2024 г. и на локалните избори три години претходно, во 2021 година, како и на недоволната анализа на резултатот од парламентарните избори во 2020 година.
„Не смееме повторно да ја направиме истата грешка. Социјалдемократијата е жива, но ако не почнеме да се менуваме, како партија ќе бидеме маргинализирани а во крајна линија – ќе исчезнеме“,
вели таа.
Меѓу предлозите што Петровска ги дала на Конгресот денеска, бил и тој да се измени во Статутот на партијата, со што претседателите на општинските организации ќе се избираат непосредно од членството, а не како досега нив да ги назначува претседателот на партијата.
„Со ова ја враќаме моќта на одлучување кај членовите“,
наведува таа.
Порачала и дека критичката мисла мора да опстои, бидејќи, како што вели, таа е суштинска одлика на социјалдемократијата. Во тој контекст, Петровска додава дека треба да се расчисти дилемата кој критикува и од кои побуди.
Ексминистерката за одбрана, сега пратеничка во Собранието вели дека предложил и ветинг за сите сегашни и поранешни носители на функции и на членовите на раководството на партијата, со цел, како што појаснува, да не му се повторуваат на СДСМ непристојни објави „едни против други“, очигледно алудирајќи на тензиите што се појавија меѓу членовите на партијата Петре Шилегов и Јован Деспотовски и актуелното партиско раководство.
„Со добра стратегија и јасно дејствување секој проблем станува предизвик, а секој предизвик – победа“,
ја заокружува Петровска објавата.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче 31. партиски Конгрес, кој помина во петчасовна дискусија зад затворени врати, го оцени како многу успешен, додавајќи дека сите пофалби и критики биле изнесени во конструктивен и добронамерен тон.
На состанокот, како што кажа тој, била изгласана доверба на актуелното раководство на партијата, односно на Централниот и на Извршниот одбор, а поддршка од присутните делегати добила и заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфиловска-Пановска.
Сите изнесни предлози и препораки, кажа тој, ќе се сублимираат и ќе бидат тема на следните состаноци на Извршниот и на Централниот одбор, со цел врз основа на нив да се утврди дали е потребно да се направат дополнителни измени на Статутот на СДСМ и во делот на креирањето на политиките.
Прашан од новинарите дали на Конгресот се дискутирало и за членовите на партијата кои отворено искажуваат незадолство кон актуелното раководство на социјалдемократите, Филипче рече дека се разговарало за многу работи, меѓу кои и за тоа.
„Се дискутираше и за огромниот број членови, наши симпатизери и поддржувачи коишто за тие луѓе што денес ја критикуваат партијата, трчале и давале поддршка за време на нивните предизборни кампањи, за разочараноста на тие навистина верни членови кои без никаков бенефит ги поддржувале овие наши поранешни функционери. Биле во партијата и пред тие да бидат на функција и за време на нивните мандати, а и сега се тука како искренби и чесни членови“,
рече Филипче во изјава за медиумите по завршувањето на Конгресот.
Претходно, во своето обраќање на почетокот на Конгресот, Филипче упати порака до, како што ги нарече, оние што планираат да бидат „тројански коњ“ на ВМРО-ДПМНЕ и да ја поткопуваат партијата однатре, да си заминат веднаш.
