Директорката за Европа во Белата куќа, Аманда Слот, на средба со министерката изразила силна и непоколеблива поддршка за европската интеграција на Северна Македонија, за која рекла дека не треба да трпи понатамошно одлагање
Европската интеграција на Северна Македонија не треба да се одлага. Позитивна одлука за почеток на преговорите е потребна веднаш зашто на тој начин ќе се зацврсти безбедноста на регионот како важен геополитички дел на Европа, ќе се оневозможи влијанието на трети земји во Западниот Балкан и ќе се зачува кредибилитетот на ЕУ.
Вакви пораки испратила министерката за одбрана Славјанка Петровска на средбата што рано утрово по американско време ја имала во Белата куќа со директорката за Европа Аманда Слот, директорот за НАТО и европски прашања Дејвид Фабрицки и со директор за Балкан и Централна Европа при Советот за национална безбедност Адмир Музурович.

На средбата, како што соопштија од Министерството за одбрана, станало збор за севкупната безбедносна состојба на европскиот континент, која бара единство, сојузништво и брза и ефикасна интеграција. Петровска, велат оттаму, порачала дека токму процесот на европска интеграција стана безбедносно прашање од највисок приоритет и ја поздравила силната американска поддршка за неодложен почеток на преговорите за членство на Северна Македонија со ЕУ.
„Прашањето на почетокот на пристапните преговори со Европската Унија, особено во денешната безбедносна реалност во Европа е прашање од највисок приоритет. Европа и НАТО мора да останат обединети во осудата на руската агресија врз Украина и мора да работат на уште посилна интеграција на земјите кои ги споделуваат истите вредности. Северна Македонија со фактот дека е целосно усогласена со Европската надворешна и безбедносна политика покажа дека е вистински партнер и дека својата иднина ја гледа во Унијата“,
рекла министерката.
На средбата во Белата куќа станало збор и за справувањето со хибридните закани, вклучувајќи ги и дезинформациите кои можат да имаат дестабилизирачки ефект во општествата во регионот.
Директорката за Европа, Аманда Слот, пак, изразила силна и непоколеблива поддршка за европската интеграција на Северна Македонија, за која рекла дека не треба да трпи понатамошно одлагање.