Како што посочи таа на прес-конференција, за декласификација не е потребна судска одлука или насока, „како што излажаа од АНБ“

Пратеничката група на СДСМ бара итна декласификација на целата документација поврзана со случајот во Агенцијата за национална безбедност, што власта сака да го претстави како наводен скандал. Декласификацијата е чекор кон обелоденување на вистината, а не манипулацијата. Декласификацијата ќе ги даде одговорите на сите прашања кои изминативе денови се поставуваат, а власта избегнува да ги одговори криејќи се зад класифицираните документи, реагира денеска пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска.
Како што посочи таа на прес-конференција, за декласификација не е потребна судска одлука или насока, „како што излажаа од АНБ“.
„Законот за класифицирани информации вели дека тој што класифицира, тој и декласифицира. Или попрецизно член Член 14. Промената на степенот на класификацијата го врши создавачот. Но, има уште еден аргумент дека АНБ веднаш, без одлагање може да изврши декласификација, а тоа е членот 20, во кој стои: ‘Информацијата која е одредена со степен на класификација нема да се смета за класифицирана информација ако со неа се прикрива кривично дело, пречекорување или злоупотреба на функцијата или некој друг незаконски акт или постапка’. Значи, ако се земат предвид сите претходни изјави од власта, за наводна злоупотреба и незаконско работење, овој член овозможува итна декласификација, без изговори и одолговлекувања“,
нагласи Петровска.
Втор чекор кон вистината, додаде таа, е итно свикување на Комисијата за надзор над работата на АНБ.
„Пратениците кои сме членови на Комисијата мора да спроведеме надзор во работата на АНБ и да извршиме увид во документацијата која ќе биде декласифицирана, за да може потоа да ја известиме јавноста за наодите и сознанијата од надзорот. Со декласификацијата се надминува и пречката за свикување на седницата, а тоа е заради немање на безбедносен сертификат на претседателот. Со ваков прагматичен пристап многу брзо ќе се одговорат сите прашања и ќе се растера маглата која ДПМНЕ ја пушта, надевајќи се дека на овој начин ќе се заборават досегашните скандали и ова ќе им биде изговор за спојувањето на АНБ и АР“,
изјави Петровска.
И ВМРО-ДПМНЕ вчера побара да биде свикана итна седница на собраниската Комисија за надзор на работата на АНБ и АР, по наводите за незаконско прислушување во периодот од 2019 до 2024 година.
Пратеникот од владејачката партија Љупчо Пренџов, како еден од членовите на Комисијата, го повика претседателот на собраниското тело Скендер Реџепи да закаже итна седница за да се утврди точен датум за официјална посета на Агенцијата за национална безбедност преку која ќе се изврши увид во состојбите и темелно испитување на сите околности поврзани со случајот.
Реџепи, пак, одби да свика седница со образложение дека е дискриминиран и дека не може да присуствува на седницата бидејќи сè уште нема одговор на барањето за безбедносен сертификат кое го побарал кон крајот на минатата година.