Министерката Петровска посочи дека Северна Македонија како НАТО-членка е сериозно посветена на зацврстувањето на регионалната безбедност. Тоа, како што додаде, може да се види и преку учеството на припадниците на Армијата во мисијата на НАТО на Косово, како и мисијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина
Одвраќање на сите потенцијални непријателски активности и одбрана на секоја педа НАТО-територија е основната цел на одбранбената Алијанса. Ова, како што информира Министерството за одбрана (МО) е заклучокот од денешната прва сесија на министрите за одбрана на сојузничките земји, која се одржува во рамките на состаноците на Северноатлантскиот совет.
На оваа сесија, министерката Славјанка Петровска кажа дека Северна Македонија останува одлучна во својот придонес кон заедничките цели на сојузниците, за што континуирано вложува во развојот на своите капацитети и модернизацијата и опремувањето на Армијата.
„Одлуката на Самитот во Мадрид го постави патот по кој ќе се движиме. Она што мораме сега да го направиме е брзо и ефикасно да ги исполнуваме нашите обврски и да инвестираме во развој на капацитетите кои ни се потребни“,
рече министерката Петровска.

На втората сесија на Северноатлантскиот совет која беше посветена на мисиите и операциите, а на која присуствуваше и високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жосеп Борел, министерката Петровска посочи дека Северна Македонија како НАТО-членка е сериозно посветена на зацврстувањето на регионалната безбедност. Тоа, како што додаде, може да се види и преку учеството на припадниците на Армијата во мисијата на НАТО на Косово, како и мисијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина.
Инаку, министрите за одбрана на 14 земји-членки на НАТО и Финска денеска во седиштето на Алијансата во Брисел потпишаа Писмо со намери за развој на „Иницијатива за европски небесен штит“.
Четиринаесетте земји сојузнички во НАТО кои ја потпишаа иницијативата се: Белгија, Бугарија, Чешка, Естонија, Германија , Унгарија, Латвија, Литванија, Холандија, Норвешка, Словачка, Словенија, Романија и Велика Британија.
На прашање на „360 степени“, зошто С Македонија како земја-членка на НАТО не е дел од иницијативата и дали евентуално би била под „чадорот“ на некоја од сојузниците учеснички во проектот, како Бугарија, од Министерството за одбрана (МО) велат дека „согласно доделените цели на способности, Република Северна Македонија е фокусирана на развој на Лесната пешадиска баталјонска група која во својот состав предвидува развој на против-воздушни капацитети (на мали височини н.з.) за одбрана“.
Дополнително, оттаму објаснуваат и дека во иницијативите во НАТО не секогаш учестуваат сите земји членки, а и дека Алијансата и сега има систем за пресретнување на опаност од воздухот.
На почетокот на септември годинава Министерството за одбрана соопшти дека во договор со Министерството за одбрана на Франција ќе набави современ систем за противвоздушна одбрана.
