„Ова ќе биде политиката, тие не знаат како да ја кренат економијата или да дадат предлог, тие не знаат како да изградат, тие не знаат како да направат нешто добро, но се мајстори за создавање на вакви тензии. Тоа е суштината и тоа ќе се случува периoдот, но ние сме држава, ќе се браниме и ќе ги одбраниме граѓаните и безбедноста на Македонија“, изјави денеска премиерот одговарајќи на новинарско прашање.
Бранителите ја имале, ја имаат и ќе ја имаат мојата поддршка, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, но, според него, целта на измените на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили, што ги предложи пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, е повторно создавање етнички тензии и нетрпеливост.
Имено, вчера со 65 гласа „за“ и 11 „против“ Собранието изгласа предлог-измените на Законот на Претровска да бидат дел од дневниот ред на 14. седница и да се носат по скратена постапка.
Ова предизвика жестоки реакции од пратениците на коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ од албанскиот блок во власта, „Вреди“, кои ги обвинија ДУИ и СДСМ дека со Законот за бранители се обидуваат да ја „запалат искрата на меѓуетничките тензии“ за да се спасат од политичката корупција. Според коалицијата, овој закон бил напишан во седиштето на ДУИ во Мала Речица, а бил поднесен во Собранието од СДСМ.
Од „Вреди“ порачаа дека нема да дозволат усвојување на овој закон за бранители доколку тој не биде во пакет со закон за решавање на статусот на поранешните припадници на Ослободителната национална армија (ОНА) од времето на конфликтот во 2001 година.
Токму во оваа насока беше и прашањето што денеска му беше поставено на премиерот Христијан Мицкоски по неговата посета на скопската општина Бутел.
„Прво треба да знаете дека бранителите ја имале, ја имаат и ќе ја имаат мојата недвосмислена поддршка. Овој закон којшто вчера беше на дневен ред е поднесен од пратеничката Славјанка Петровска, односно од СДСМ и она што е интересно, кога се гласаше потребата за носење на дневниот ред СДСМ ја напушти седницата. Зошто ова го споменувам? Затоа што самата пратеничка и СДСМ не го поднесуваат законот затоа што им мислат добро на бранителите, туку го поднесуваат за да создадат еве една ваква состојба којашто вие ја поставувате сега во вашето прашање, за да создадат повторно етнички тензии, за да создадат етничка нетрпеливост итн., бидејќи таа ќе е картата на којашто и тие и другите опозициски партии, без разлика дали се од македонскиот или од албанскиот блок, ќе играат во периодот којшто следи“,
изјави Мицкоски.
Неговиот совет до граѓаните е, како што кажа, да не наседнуваат на ова, затоа што состојбата е стабилна.
„Конечно почнуваме да се развиваме, расте индустриското производство, расте преработувачката индустрија, инфлацијата се намалува, почнува инвестицискиот циклус, растат пензиите, се враќаат субвенциите на земјоделците, сето она што е потребно за да се развиваме како држава се случува. Затоа, молам овие теми, коишто се реални теми да не создаваат етнички конфликти и етнички поделби. Ова ќе биде политиката, тие не знаат како да ја кренат економијата или да дадат предлог, тие не знаат како да изградат, тие не знаат како да направат нешто добро, но се мајстори за создавање на вакви тензии. Тоа е суштината и тоа ќе се случува периодот, но ние сме држава, ќе се браниме и ќе ги одбраниме граѓаните и безбедноста на Македонија“,
рече Мицкоски.
На прашањето дали се согласува со пораките од „Вреди“ дека ако треба да помине овој закон, тоа треба да се случи заедно со решение со кое истите привилегии ќе ги имаат и припадниците на ОНА, Мицкоски повторно се осврна на СДСМ и ДУИ.
„Речица и ‘Бихаќка’ имаа седум години можност да разговараат на овие теми, јас ви кажав која е целта и повторно сакам да алудирам дека тоа ќе е начинот како ќе функционираат во периодот којшто следи. Не можат поинаку да мобилизираат луѓе, затоа што од голтари влегоа во политиката – милионери излегуваат. Од команданти излегуваат милионери. Тоа е суштината, што овие 20 години тие така правеа. А уште еднаш ќе повторам дека бранителите ја имале, ја имаат и ќе ја имаат мојата поддршка“,
рече Мицкоски.
Инаку, измените на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили што ги предложи Петровска ги опфаќа семејствата на загинатите или починати припадници на Армијата и на Министерството за внатрешни работи (МВР), како и семејствата на загинатите во хеликоптерската несреќа кај катлановско Блаце во 2008 година, загинатите припадници на МВР во авионската несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски Трајковски, хеликоптерската несреќа во Струмица во 2014 година, во Диво Насеље во 2015 година и на починатите и загинати во вршење на службени должности во периодот од 1991 до 2024 година.
Со измените се предлага и еднократното обесштетување од 80 000 евра да се исплаќа на еднакви делови на членовите на семејството, а доколку родителите се починати, рамномерен дел од надоместокот да добијат браќата, сестрите и другите наследници.