„Во која било земја, напад со беспилотно летало врз цивилен воз би се сметал на потполно ист начин како тероризам. Нема, и не може да има, воено оправдување за убивање цивили во вагон на воз“, вели украинскиот претседател

Во руски напад со беспилотно летало врз патнички воз во североисточна Украина загинати се пет лица, пишува Гардијан повикувајќи се на информации од обвинителите. Нападот, од украинскиот претседател Володимир Зеленски е осуден како тероризам.
Според обвинителите, на местото на нападот врз возот, кој се случил во близина на село во украинскиот Харковски Регион, се пронајдени пет тела.
Возот сообраќал од Чоп, во близина на западните граници на Украина со Унгарија и Словачка, до градот Барвинкове. Од фотографиите објавени на социјалните мрежи може да се видат најмалку два вагона во пламен.
„Во која било земја, напад со беспилотно летало врз цивилен воз би се сметал на потполно ист начин како тероризам. Нема, и не може да има, воено оправдување за убивање цивили во вагон на воз“,
напиша Зеленски во објава на социјалните мрежи.
Обвинителите рекоа дека едно беспилотно летало го погодило возот, а уште две погодиле област покрај него.
Во својата објава на Телеграм, Зеленски рече дека возот превезувал повеќе од 200 патници, вклучувајќи 18 во вагонот што бил погоден.
Обвинителите претходно изјавија дека во возот имало 155 патници. Заменик-премиерот Олексиј Кулеба го опиша нападот со три беспилотни летала како „директен чин на руски терор“.
Олександр Перцовски, началник во националната железница на Украина, им се заблагодари на спасувачките екипи и сопатниците кои помогнаа во евакуацијата на луѓето и вети дека возовите ќе продолжат да сообраќаат.
Напад со над 50 руски беспилотни летала го погоди и црноморското пристаниште Одеса, каде што, според официјални лица, три лица се убиени, а повеќе од 30 се ранети, вклучувајќи две деца. Целите на нападот биле градската електрична мрежа, која Русија постојано ја таргетира за да ги прекине снабдувањето со електрична енергија и греење во средината на зимата, и пет станбени згради.
