Во соопштението се додава дека нивните тела се префрлени во болницата Ал-Шифа во Газа, но не се наведени возрастите на децата

Во израелски воздушен напад врз група цивили во северниот дел на Појасот Газа загинаа пет лица, меѓу кои и три деца, соопшти Палестинската агенција за цивилна одбрана. Израелската војска, пак, соопшти дека ги проверува информациите.
„Пет Палестинци, меѓу кои и три деца, беа убиени во израелски воздушен напад врз група цивили во близина на џамијата Ал-Касам во Бејт Лахија“,
соопшти агенцијата.
Во соопштението се додава дека нивните тела се префрлени во болницата Ал-Шифа во Газа, но не се наведени возрастите на децата. Од болницата Ал-Шифа потврдиле дека ги примила телата.
И покрај прекинот на огнот што е во сила од 10 октомври 2025 година, Газа продолжува да биде погодена од секојдневно насилство, при што израелската војска и Хамас се обвинуваат меѓусебно за кршење на прекинот на огнот.
Нема никаков напредокот во одредени точки од договорот, вклучително и прашањата за разоружување на Хамас и повлекување на израелската армија.
Израелските сили и по примирјето продолжуваат да контролираат повеќе од половина од територијата на Газа, додека Хамас го контролира преостанатиот тесен крајбрежен појас.
Најмалку 786 Палестинци се убиени од почетокот на прекинот на огнот, според бројките од Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас.
