Групата започнала да ги удира децата со тупаници и клоци по главата и телото. Едното дете се здобило со површинска рана на главата, додека на другото дете му биле нанесени тешки телесни повреди, вклучувајќи контузија на главата, скршеница на носот и хематоми по целото тело

Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) до судијата за деца при Основниот кривичен суд Скопје поднесе Барање за поведување подготвителна постапка против вкупно пет деца во судир со законот поради сомневање за извршено кривично дело насилство од член 386 од Кривичниот законик.
Случајот се однесува на група малолетници, на возраст од 14 и 15 години, кои заедно со уште едно дете под 14 години, а кое не може кривично да одговара, извршиле грубо насилство врз двајца други 14-годишници.
Настанот се случил на 12 декември во дворот на основното училиште „Дитурије“ во Општина Сарај. Според соопштението од Јавното обвинителство, двете деца тргнале да си одат дома кога на излезот од училишниот двор биле пресретнати од напаѓачите.
Групата започнала да ги удира децата со тупаници и клоци по главата и телото. Едното дете се здобило со површинска рана на главата, додека на другото дете му биле нанесени тешки телесни повреди, вклучувајќи контузија на главата, скршеница на носот и хематоми по целото тело.
Обвинителството наведува дека со насилството сторителите предизвикале и чувство на несигурност и страв кај другите деца кои во тој момент излегувале од училиштето.
Имајќи ја предвид возраста на децата во судир со законот и потребата за непречено водење на постапката, јавниот обвинител до судијата предложил да се определат мерки на претпазливост, кои вклучуваат јавување во суд, одземање на патната исправа и забрана за приближување и остварување какви било контакти со оштетените деца.
