Претседателот на НСДП, Тито Петковски, смета дека врз резултатот на локалните избори влијаела апстиненцијата на поддржувачите и симпатизерите на СДСМ, кои не биле задоволни од случувањата во врвот на партијата. Случаите со Стојко Пауновски и со Максим Димитриевски, нејаснотиите околу ставовите за проблемот со Бугарија, преземените политики во сферата на образованието, според Петковски, ги обесхрабриле приврзаниците на владејачката партија.
„Заев и самиот стана жртва на своите ветувања. Излезе да води кампања убеден дека лично има поддршка кај граѓаните и дека ќе ги зголеми шансите на градоначалниците и на советничките листи. Апсолутно голема грешка. Со парламентарна кампања за локални избори се дефокусира интересот на граѓаните“,
вели Петковски во интервју за „Утрински брифинг“.
Петковски е уверен дека во вториот изборен круг состојбата ќе се смени и дека луѓето кои ги поддржуваат политиките на власта ќе излезат во поголем број што, пак, ќе влијае врз остварување подобар изборен скор за коалицијата предводена од СДСМ. Сепак, тој смета дека Заев не смее да дава изјави со кои најавува повлекување од функцијата во Владата и во партијата доколку Шилегов не победи во Скопје.
„Мислам дека тоа е неодговорна изјава, нека ми прости премиерот, меѓутоа едно се парламентарни, а друго локални избори. Само пред една година оваа политичка групација и стожерната партија во коалицијата СДСМ ги доби парламентарните избори и формираше влада, само пред една година. И не можам да ја сфатам поентата, зошто ако се изгуби Скопје ќе си поднесе оставка. Тој е премиер, а неговиот мандат трае уште три години“,
е оценката на Петковски.