Мислам дека Бугарија и Македонија како држави се 100 години зад визиите на Гоце Делчев, изјави Петковски
Македонските и бугарските историчари треба да ги отворат сите архиви за Гоце Делчев. И ако Гоце Делчев е оној што ги спојува двете држави, тогаш нека се смета за творец на двете држави, изјави поранешниот претседател на Собранието и поранешен лидер на НСДП, Тито Петковски, во емисијата „Студио 10“ на ТВ24.
Тој посочи дека во бугарските архиви може да се најде говорот на Георги Димитров за последниот завет на Гоце Делчев, кој сакал да почива во главниот град на независна Македонија за којашто се борел и се залагал и затоа неговите мошти се пренесени во Скопје во времето на Георги Димитров и Јосип Броз.
„Мислам дека Бугарија и Македонија како држави се 100 години зад визиите на Гоце Делчев“,
рече Петковски.
Тој нагласи дека, не само што не паметел туку и не можел да замисли ваква ситуација со Бугарија, каква што е актуелната.
„И не сум рамнодушен. Роден сум во една друга друга држава во 1945 година, па сега на 78 години се прашувам каде погрешивме и како е можно некој да ми каже дека не постојам? А еве сум, тука сум, на ова место. Политичарите во голем дел им го загорчуваат животот на луѓето“,
рече Петковски.
За него е зачудувачки што еден европарламентарец доаѓа во Македонија, ја негира земјата, па дури и повикува на атентат на претседателот, но од друга страна, на таквите провокации, според Петковски, не треба да се одговара.
Според Петковски, луѓето кои сега создаваат немир, до лани не доаѓале пред гробот на Гоце Делчев.
„И ова сега мислам дека не е случајно, туку е за нивна внатрешна бугарска политика. Бугарија е земја на ЕУ која има најмногу проблеми и е најсиромашна. Нивниот претседател е единствен кој има нескриена руска ориентација. Провокации прават само политичари кои немаат добри намери“,
констатираше Петковски.