Лидерот на НСДП вели дека ќе остане горчина дека Алтернатива барала многу, но неколку пати повтори дека од друга страна е опасноста од предвремени избори кои, според него, сега не ѝ се потребни на Македонија
Пратеникот и лидер на Српската странка, Мирослав Јовановиќ, пак, рече дека на состанокот со Заев коалициски партнери побарале да добијат министер без ресор, а ако тоа се случи тогаш и тој ќе бара таква позиција. Меѓутоа, вели дека верува оти нема да дојде до такво нешто
Пратеникот Енес Ибрахим, кој е лидер на Партијата за движење на Турците, во краток коментар по средбата рече дека неговата партија е да се продолжи со концептот „Едно општество за сите“ и верува дека тоа ќе се случи со новиот мандатар
Алтернатива со четворица пратеници доби можеби 10, 15 или 20 пати повеќе отколку што имаме ние како досегашен коалициски партнер, е дел од коментарите кои ги даде претседателот на НСДП, Тито Петковски, откако тој заедно со останатите партнери беа на средба со премиерот Зоран Заев за да ги информира за договорот постигнат со Африм Гаши.
Сепак, вели Петковски, за него е најважна големата слика односно зголемување на мнозинството и сигурна поддршка на Владата, како и продолжување на реформите.
Тој вели дека како партија не бараат ништо во новата влада, а за Алтернатива смета го искористила моментот кога на Владата ѝ треба поддршка од парламентарно мнозинство, па настапила со максималистички барања за политички профит, а не затоа што на прво место ѝ биле евроинтеграциите.

„Да бидам јасен, немам впечаток дека Алтернатива умре за нашата интеграција со ЕУ, напротив го искористија моментот кога имаме преговори со Бугарија, добро им легна на нивните политички амбиции. Го искористија моментот, за четири пратеници ја бараа таа и таа цена. Во политиката сè се гледа низ призмата на партискиот интерес. Да бидам сосема јасен, не станува збор за зачувување на државните интереси, станува збор за преферирање на партиските интереси, да се добие што повеќе политички профит, вработување, функции итн., а не дека на прво место е интеграцијата во ЕУ. Јас тоа не го сметам за коректен потег“,
изјави Петковски.
Тој вели дека нема да се отворат нови функционерски места за Алтернатива и дека не станува збор за 40 или повеќе како што се зборувало претходно, туку дека оваа партија ќе ги добие местата на Беса, како и дел од оние што ќе ги отстапат СДСМ, ДУИ и ДПА. Сепак, според него, ќе остане горчина дека Алтернатива барала многу, но неколку пати повтори дека од друга страна, пак, е опасноста од предвремени избори.
„Сметам дека дополнително како јавноста ќе биде информирана за сите овие детали, ќе остане една горчина дека Алтернатива премногу бара за да ја поддржува Владата, но наспроти таквите нивни амбициозни предлог и барања стои опасноста од предвремени парламентарни избори. Лично мислам дека на Македонија не и требаат предвремени парламентарни избори“,
изјави Петковски.
Лидерот на НСДП објасни дека не е за предвремени избори затоа што со тоа државата ќе влезе во турбуленција од политички понуди, дискредитации помеѓу политичарите и една изборна атмосфера која никогаш не била спокојна.
„Во втор план ќе падне сè, и реформите што се веќе почнати, i европските интеграции нема да бидат ниту тема. Ќе биде тема кој какви позиции ќе земе во владата, па парламентарните партии меѓу себе ќе ги усогласуваат ставовите. Никој не гарантира и доколку дојде до предвремени парламентарни избори дали ќе имаме стабилна влада која ќе фати демократски стабилен курс со реформите во државата и со евроатлантските интеграции. Тргнувајќи од таа позиција мислам дека е добро што се зголемува мнозинството за уште четири пратеници“,
рече Петковски.
Мирослав Јовановиќ од Српската странка во Македонија рече дека заклучоците од состанокот со Заев се дека програмата на власта ќе претрпи некои измени согласно договорот со Алтернатива. И тој како и Петковски во однос на местата кои ги добива оваа партија рече дека не станува збор за 40-тина места туку помалку меѓу кои 12 места во управни одбори и 10 раководители на подрачни единици.
Третото министерско место – министер без ресор за дијаспора, кое покрај министерствата за здравство и за информатичко општество и администрација, ќе ги добие Алтернатива, Јовановиќ го нарече „вишок“. На состанокот, рече пратеникот и лидер на Српската странка, други коалициски партнери побарале да добијат министер без ресор иако кога се формирала Владата било договорено овие функции да се укинат. Но сега, ако и други бараат, вели тој, ќе бараме и ние.

„Имаше предлог од некои наши коалициски партнери за министри без ресор, а се договориме пред формирање на Влада да нема повеќе министри без ресор, ако има и други тогаш и ние ќе бараме министер без ресор, но мислам дека до тоа нема да дојде“,
рече Јовановиќ.
Пратеникот Енес Ибрахим, кој е лидер на Партијата за движење на Турците, во краток коментар по средбата рече дека неговата партија е да се продолжи со концептот „Едно општество за сите“.
„Гледаме дека последните години има унапредување во делот на човековите права, во делот на демократијата и верувам дека тоа ќе продолжи. Со концептот ’Едно општество‘ етничките тензии станаа минато, за нас како партија најбитна работа е концептот да продолжи и во иднина и верувам дека со новиот мандатар тоа ќе продолжи“,
рече Ибрахим.