Тоа што го правиме е да видиме дали бугарските желби и потреби за поддршка на Бугарите во РСМ можат да се гарантираат преку европскиот процес… Прашањето е друго, дали преку европскиот процес може да се гарантира бугарската позиција, а не некој да нè притиска за што било, изјави денеска бугарскиот премиер на прашањето дали Бугарија е под меѓународен притисок да го подигне ветото за РСМ
Ништо нема да правиме под притисок, изјави денеска бугарскиот премиер Кирил Петков одговарајќи на новинарсконо прашање за тоа дали Бугарија е под меѓународен притисок за да го подигне ветото за Северна Македонија.
„Не станува збор за политички притисок. Целата рамка дека некој не притиска, а ние нешто ќе правиме под притисок – нема да правиме ништо под притисок. Тоа мора да му биде апсолутно јасно на целиот бугарски народ. Тоа што го правиме е да видиме дали бугарските желби и потреби за поддршка на Бугарите во РСМ можат да се гарантираат преку европскиот процес. Ќе оставам на МНР, затоа што тие преговараат токму сега. Прашањето е друго, дали преку европскиот процес може да се гарантира бугарската позиција, а не некој да нè притиска за што било“,
рече Петков, пренесуваат бугарските медиуми.
Францускиот претседател Емануел Макрон соопшти дека, кога ќе дојде време за тоа, е подготвен да ги пречека властите на Бугарија и Северна Македонија во Париз, со цел склучување билатерален договор кој ќе овозможи отпочнување на преговорите за пристап на земјава во Европската Унија.
Макрон синоќа разговарал со бугарскиот претседател Румен Радев и премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, по што од Елисејската палата потсетија оти Франција, која претседава со ЕУ до 30 јуни, веќе неколку недели ја поддржува потрагата по решение за спорот меѓу двете земји.
За време на разговорите францускиот претседател ја изразил својата целосна поддршка за договор меѓу двете земји, кој ќе придонесе за добрососедски односи и ќе ја консолидира европската перспектива на Северна Македонија, како и почитување на основните права на граѓаните кои изјавуваат дека припаѓаат на други заедници или на малцинства.
Вчера, пак, премиерот Димитар Ковачевски изјави дека Франција како претседавач со ЕУ ги олеснува разговорите помеѓу двете страни, но оти не постои конкретен предлог на маса за решавањето на спорот помеѓу Скопје и Софија.