Тој вели дека утре доаѓа во Скопје само со конструктивен тон и подготвеност да започне заедничка работа, дека нема подготвен документ бидејќи сите тие документи според него немаат поента ако не им се даде вистинска мотивација дека мора да ја завршиме работата
Со еден конструктивен дијалог да одиме напред, затоа што за мене добрососедството е од огромна важност за Бугарија, за Република Северна Македонија и за целиот балкански регион, вели бугарскиот премиер Кирил Петков во интервју за МИА во пресрет на неговата утрешна посета на Скопје.

„Навистина верувам дека колку повеќе работиме заедно, колку поголема поврзаност имаме, колку повеќе нашите граѓани меѓусебно комуницираат, воспоставуваат бизнис-соработка, толку ќе биде подобро“,
истакнува Петков и додаде дека наместо декларации и политички говори треба да се засукаат ракавите и „да завршиме многу работа заедно“.
Бугарскиот премиер нагласува дека токму затоа веднаш по изборот на новата Влада на Димитар Ковачевски доаѓа во посета на земјава со цел да се воспостави постојана комуникација и да се постигне напредок.
„Не сакам само политичарите да доаѓаат и да говорат, кога говорам за економија сакам да ги видиме сите наши фирми кои сакаат и имаат интерес за Република Северна Македонија, сите фирми од вашата земја, кои имаат интерес за Бугарија. На таа средба политичарите не се потребни, на таа средба се потребни луѓе, кои сакаат да работат, да прават бизнис заедно“,
вели Петков и потенцира дека мора да се работи на сите оние прашања кои 30 години не сме успеале да ги решиме.
Тој истакнува дека не сака само да се говори што би требало да се направи, туку двете земји заедно да работат на реализација на конкретни проекти.

„Тоа со декларациите, известувањата треба да се зад нас. Отсега па натаму да ги броиме резултатите што ќе ги реализираме заедно“,
додава Петков во интервјуто.
Според него, тежината на некои проблеми зависи од контекстот во кои се поставени и ако се успее да се дефинираме точно какви се тие проблеми и од каде доаѓаат, тогаш и нивните решенија стануваат полесни.
Петков потенцира дека Балканот како регион има голем потенцијал да биде богат, имајќи ја предвид близината на европскиот пазар, плодната земја, добрите места за туризам, но сепак е на ниско ниво во Европа според економскиот развој, пред сѐ поради корупцијата.
„Треба да ги исчистиме сите оние кои заработуваат на грбот на нашите народи. Затоа што има една мала група на луѓе, кои преку корупцијата заработуваат на сметка на сите останати. И јас мислам дека тие се дел од деструктивните елементи кои се поврзани и кои го поставуваат прашањето дали е добро или не е добро добрососедството меѓу двете земји. Многу од тие исти групи се поврзани и со внатрешната корупција во земјите. И мислам дека ако ние заедно успееме да кажеме: НЕ на корупцијата, НЕ на дискриминацијата, НЕ на непочитувањето на човековите права, ДА на добрососедството, ДА на заедничките врски, ДА на заедничката економија, и ги вклопиме во тие рамки, дијалогот ќе биде многу побрз и луѓето кои не избрале на овие позиции, ќе не разберат многу подобро. Така, ако тоа успееме да го направиме заедно, мислам дека и за двете земји ќе е многу покорисно“,
смета Петков и додава дека кога зборуваме за корупцијата не треба да чекаме некој да нѐ спаси или да ни помогне, туку треба сами да си ја завршиме работата.
Бугарскиот премиер во интервјуто за МИА говори и за очекувањата од посетата на земјава, за притисоците врз Софија да се реши спорот.

Тој вели дека доаѓа во Скопје само со конструктивен тон и подготвеност да започне заедничка работа, дека нема подготвен документ бидејќи сите тие документи според него немаат поента, ако не им се даде вистинска мотивација дека мора да ја завршиме работата.
„Јас предлагам документите да ги оставиме како втор чекор, а прво да почнеме, за да има нешто за што ќе пишуваме во следниот документ. Инаку, опасноста е дека ние ќе напишеме документ и после што од тоа. Тука, задачата е да направиме програма, да ги направиме работните групи, да започнеме со дијалог, да имаме чувство на меѓусебна доверба и дека од двете страни има добри намери и да си ги поставиме целите, кои што сакаме да ги постигнеме за максимално краток период“,
вели Петков на ова прашање.
На прашањето пак, за тоа дали има притисоци врз Бугарија за решавање на спорот, тој не одговара директно, туку вели дека верува дека не зависиме од други сили и држави кои имаат интереси, туку тоа зависи од нас.
„Јас лично знам, а сигурен сум и кај вас Димитар Ковачевски, не зависиме од тоа кој што кажува и секој еден од нас има сопствена одговорност да се заврши таа работа. Со други зборови, мене лично, не ми значи кој ќе се јави или ќе каже направи ова-направи тоа. За мене е важно да сме сигурно дека ги правиме правилните нешта, на правилен начин и … да, светот е глобален и има најразлични интереси, но мислам дека тоа е друго нешто на Балканот. Ние треба да си кажеме дека нашите работи зависат од нас. Не треба да обвинуваме или чекаме, или некој да не спаси, или некој да ни помогне. Доста е со тоа. Треба сами да си ја завршиме работата“,
вели Петков за МИА, пред утрешната посета на Северна Македонија.