Бугарскиот премиер Кирил Петков на 18 јануари се очекува да го посети Скопје

Бугарскиот премиер Кирил Петков и претседателот Румен Радев денеска излегуваат од изолација, откако и двајцата беа во контакт со лице позитивно на вирусот.
Изолацијата на Кирил Петков и Румен Радев може да се укине доколку и двајцата прикажат негативен резултат од ПЦР-тестот, а бидејќи и двајцата имаат засилувачка доза од вакцината, тие автоматски се ослободени од обврската за понатамошен карантин.
Правилото е дел од новата уредба на Министерството за здравство на Бугарија за рокот на карантинот и изолацијата.
Петков и Радев прво се самоизолираа, а потоа беа и официјално ставени во карантин, откако на Консултативниот совет за национална безбедност во понеделникот биле во контакт со претседателот на Народното собрание Никола Минчев, за кој се покажа дека е заразен со коронавирусот.
Токму поради тоа беше доведена во прашање и посетата на премиерот Петков во земјава на 18 јануари, но последните информации велат дека таа сепак ќе се оствари.