Премиерот на Бугарија, Кирил Петков, утре ќе положи венец пред споменикот на Гоце Делчев во Борисовата градина во Софија, по повод 150-годишнината од неговото раѓање, соопшти прес-службата на бугарската влада.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, заедно со бугарскиот премиер ќе биде и в.д. амбасадорот на Северна Македонија во Бугарија, Владимир Крстевски.
Петков по посетата на Скопје и заедничката владина седница што се одржа во Софија, во бугарскиот парламент одговарајќи на пратенички прашања, зборуваше за заедничко чествување на Гоце Делчев. За 4 февруари (утре), рече тој, заедно со Северна Македонија подготвуваат заедничко чествување на Делчев по повод одбележувањето на 150 години од неговото раѓање.