Како што соопшти канцеларијата на Стојанов, кој беше претседател на Бугарија од 1997 до 2002 година, во апелот се посочува дека провоцирањето судири меѓу граѓаните на двете земји би претставувало неприфатливо сквернавење на споменот на Гоце Делчев
Апел до граѓаните и политичарите на Северна Македонија и Бугарија да не се дозволи ескалација на тензиите при одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев упатија поранешниот бугарски претседателот Петар Стојанов и потомци на познати личности по потекло од Македонија.
Како што соопшти канцеларијата на Стојанов, кој беше претседател на Бугарија од 1997 до 2002 година, во апелот се посочува дека провоцирањето на судири меѓу граѓаните на двете земји би претставувало неприфатливо сквернавење на споменот на Гоце Делчев, пренесува 24 часа.бг.
„Тоа ќе фрли лоша сенка не само на односите меѓу нашите најблиски земји, туку и врз оние што загинаа за слободата на Македонија од османлиската власт. Не треба да дозволиме одделни групи луѓе во која било од двете земји, свесно или несвесно, да ги уништат делата на нашите предци“,
се наведува во апелот.
Во текстот воедно се повикуваат политичарите во Софија и Скопје со сите сили да соработуваат во спречување на јазикот на омразата, кој е штетен за двете општества и за иднината на двете земји.
Меѓу потомците на дејците по потекло од Македонија кои се приклучуваат кон апелот се и правнукот на Гоце Делчев и раководител на Фондацијата за соработка и културен натпревар „Гоце Делчев“, Христо Христов, правнуката на преродбеникот Кузман Шапкарев, Елисавета Шапкарева, внуката на Тодор Александров, Евелина Александрова, и внуката на полковникот Борис Дрангов, Рајна Дрангова.
Чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер ќе се одржи во скопје на 4 февруари. По тој повод Министерството за внатрешни работи информира дека ги презема сите потребни активности за обезбедување мирно и безбедно одбележување на денот.
„Министерството за внатрешни работи ги презема сите потребни активности кои се однесуваат во насока на обезбедување мир, стабилност во државата, но и за конкретниот настан. Таму каде што ќе се процени и тогаш кога ќе се процени дека треба да има поголемо присуство на полицијата, тоа ќе го има и за тоа апсолутно упатувам порака за смиреност до сите граѓани. Тука се институциите на системот кои функционираат и кои мора да ги обезбедат сите очекувања што ги имаат. Мора да упатиме јасна порака до сите политичари и политички субјекти да бидеме одговорни во овој процес бидејќи неодговорноста не им прави добро на граѓаните и државата. Напротив, мислам дека неодговорноста нема да донесе ништо добро ниту за политичарите. Ова е состојба во која треба да бидеме сите одговорни бидејќи мирот и стабилноста е одговорност на секој еден од нас“,
рече Спасовски.
Тој упати апел до граѓаните да не подлегнуваат на кој било повик и да не преземаат надлежност што е во ингеренции на институциите.