„Според податоците од нашиот аналитички центар, од обработените 82 отсто од гласовите, ВМРО-ДПМНЕ води со 12 223 гласови наспроти противникот со 7 908 гласови. Тоа укажува на разлика од повеќе од 4 000 гласови“, изјави Јанков

По 20 години падна бастионот на СДСМ. Со овие зборови кандидатот за градоначалник на Струмица од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Јанков, вечерва прогласи победа во оваа општина. Тој во своето обраќање истакна дека победила волјата на граѓаните.
„Според податоците од нашиот аналитички центар, од обработените 82 отсто од гласовите, ВМРО-ДПМНЕ води со 12 223 гласови наспроти противникот со 7 908 гласови. Тоа укажува на разлика од повеќе од 4 000 гласови. Очекувам во 17 избирачки места, што не се обработени, овој тренд да продолжи. Затоа струмичани извојуваа убедлива победа, односно ВМРО-ДПМНЕ по долги години извојува убедлива победа во Струмица. Со тоа струмичани го соборија бастионот на СДСМ овде во Струмица. Победи волјата на граѓаните во Струмица“,
изјави Јанков.
Јанков им се заблагодари на граѓаните што гласале за него, како што рече, за големата поддршка што ја добил. Тој изјави дека, според податоците со кои располага, очекува мнозинство советници во Советот на Општина Струмица.