„Потврдено е дека претседателот на Македонски концепт, д-р Петар Богојески, ќе раководи со друга институција“, се вели во објавата на Богојевски по средбата што ја имал со премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
Именувањето на лидерот на Македонски концепт за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност пред неполни три месеци предизвика бран од негативни реакции кај дел од јавноста, но и од Европската комисија од каде што рекоа дека ќе разговараат со министерката за образование Весна Јаневска во врска со назначувањето на Богојески на оваа позиција
Актуелниот директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, која раководи со програмата Еразмус+, Петар Богојески, нема да директорува со оваа институција, туку ќе добие нова функција како дел од владејачката коалиција.

Ова денеска го соопшти самиот Богојески во објава на социјалните мрежи преку која информира за средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски на која било разговарано за соработката на Македонски концепт и ВМРО-ДПМНЕ во рамките на владината коалиција „Твоја Македонија“.
Богојески во четири точки ги наведува заклучоците од, како што вели, официјалната средба со Мицкоски.
Во последната, четврта точка, директорот на Агенцијата која управува со средствата од програмата Еразмус+ наведува дека со Мицкоски е договорена прераспределба на позиции и институции кои ќе ги раководи Македонски концепт во рамки на извршната власт.
„Потврдено е дека претседателот на Македонски концепт д-р Петар Богојески ќе раководи со друга институција“,
се наведува во објавата насловена „Надградба на коалициски договор“.
Во однос на другите теми на состанокот, како што се наведува во објавата, Богојески и Мицкоски ја потврдиле добрата соработка во рамките на коалицијата „Твоја Македонија“, дадена била позитивна оценка за досегашното функционирање на Владата „со назнака за дополнителен фокус во одредени подрачја од политичките приоритети“ и бил договорен заеднички настап на претстојните локални избори што треба да се одржат наесен.
За потсетување, именувањето на лидерот на Македонски концепт за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност пред неполни три месеци предизвика бран од негативни реакции кај дел од јавноста, но и од Европската комисија.
Информацијата дека Богојески доаѓа на раководната позиција на Еразмус+, на местото на Марко Ѓоргиевски, беше објавена на почетокот на април, а функцијата ја презеде на 15 мај.
Кратко по објавата на информацијата, од Европската комисија во одговор на новинарско прашање соопштија дека ќе бараат да разговараат со министерката за образование Весна Јаневска за именувањето на Богојески, наведувајќи дека Комисијата не била вклучена во селекцијата и номинацијата на директор на Агенцијата.
„Европската комисија ги забележа медиумските извештаи во врска со назначувањето на г. Петар Богојески за нов директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност на Северна Македонија. Оваа агенција, назначена од Министерството за образование и наука, е одговорна за спроведување на програмите ‘Еразмус +’ и Европскиот корпус за солидарност под индиректно управување во Северна Македонија. Комисијата не беше вклучена во процесот на селекција и номинација на г. Богојески и сè уште не е официјално информирана за тоа“,
рекоа од ЕК во одговор на прашање на порталот „Порталб“ кон средината на април.
Од Европската комисија тогаш кажаа и дека ја забележале загриженоста кај дел од македонската јавност во врска со некои јавни активности и изјави на претседателот на Македонски концепт.
Меѓу организациите кои реагираа на именувањето на Богојески беше и невладината „Мрежа за заштита од дискриминација“ од каде бараа Владата да ја повлече одлуката, бидејќи според нив лидерот на Македонски концепт преку неговите објави на социјалните мрежи употребил вознемирувачки говор, навреди, говор на омраза и/или поттикнување на дискриминација, нетолеранција и/или насилство кон припадници на речиси сите етнички заедници во земјава.
Повлекување на одлуката бараа и од опозициските партии.
Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) тогаш наведоа дека именувањето на Богојески е скандалозно и неприфатливо, бидејќи, како што напиша потпретседателката на партијата, Кристина Костова на Фејсбук, тој има детално документирана историја на навредливо и дискриминаторско однесување и говор на омраза на јавни платформи.
Реагираа и од ДУИ од каде рекоа дека давањето доверба со европските фондови да управува човек кој не само што упатувал навредливи пораки до Албанците, туку и до самата Европска Унија и нејзините вредности, претставува понижување и за европските партнери и за даночните обврзници на ЕУ кои ги финансираат овие програми.
Од Алијанса за Албанците (АА) на Зијадин Села посочија дека назначувањето на Богојески е во целосна спротивност со моменталната европска ориентација на земјата и дека со тоа се докажува оти Северна Македонија оди во поинаква насока од онаа што се градела со децении.