Десетици се повредени и пренесени во околните болници, откако автобусот со 52 патници излетал од патот. Најголем дел од патниците се со повреди на главата и скршеници на екстремитетите, а меѓу нив има и деца
Пет лица се загинати во автобуската несреќа што се случи на автопат во сојузната држава Њујорк, САД. Десетици се повредени и пренесени во околните болници, откако автобусот со 52 патници излетал од патот. Најголем дел од патниците се со повреди на главата и скршеници на екстремитетите, а меѓу нив има и деца.
„Шест лица беа донесени во Медицинскиот центар на Универзитетот во Рочестер со хеликоптер и со амбулантно возило. Двајца се лекуваат од критични повреди, а четворица се медицински стабилни, вклучувајќи еден педијатриски пациент“,
изјави портпаролот на болницата Скот Хесел.
Меѓу повредените е и возачот на автобусот, кој според првичните информации изгубил контрола над возилото и излетал од патот.
Автобусот, кој се движел на меѓудржавниот автопат 90 во близина на излезот Пембрук, околу 40 километри источно од Бафало, влегол во средишната лента, а потоа завршил во канал од десната страна на патот, изјави полицискиот службеник на државата Њујорк, Џејмс О’Калахан.
Тој за новинарите на местото на настанот изјави дека автобусот се превртел и дека повеќето луѓе не носеле безбедносни појаси. Наведе и дека луѓето внатре биле исфрлени надвор од автобусот преку искршените прозороци.
Автобусот превезувал туристи кои се враќале од обиколка на Нијагарините водопади. Меѓу нив имало претежно кинески, индиски и филипински државјани.