Мај 2017 година. Претходната владејачка гарнитура ги отвори вратите на ПЕТ Центарот – 16 милиони евра вредниот ултрамодерен објект за рано дијагностицирање и лекување рак и други тешки заболувања.
– Тоа е единствен таков објект, таква институција која што има и сопствено производство на радио изотопи, помеѓу Атина и Виена – изјави Никола Груевски кон крајот на Мај минатата година.
– Најсложен здравствен објект изграден во историјата на Република Македонија … вклучително и циклотрон за производство на изотопи, нешто што нема од Атина до Виена, рече поранешниот министер за здравство на отворањето на објектот, Никола Тодоров.
Една година подоцна, тоа е единствениот објект од Атина до Виена, кој може ама речиси и да не произведува изотопи и кој може да има многу а прима едвај по неколку пациенти неделно.
– Таа мала искористеност е веројатно степен на развој на една институција, значи ние сме се уште во таа детска возраст, смета директорката Емилија Јаневиќ – Ивановска.
– Комплетниот капацитет на ПЕТ Центарот во моментот не е искористен. Тоа е премногу за нашата земја. Можеме да го искористиме ако тие материјали ги понудиме на земјите во регионот, вели министерот за здравство Филипче.
Што го кочи и кога целосно ќе проработи најсложениот здравствен објект изграден во земјава?
Ден четврток. Во Центарот за позитронска емисиона томографија или скратено во ПЕТ Центарот, најраздвижено е на вториот кат. Таму е сместена администрацијата. На катот подолу, за дијагностика, е речиси празно. Нема пациенти, бидејќи закажувањето прегледи преку „Мој термин“ е возможно во петок.
Не е ништо поразлично ниту во делот од комплексот кој служи за производство на радио изотопите – скап материјал неопходен за прегледите, кој во регионот може да го произведува само оваа болница.
Без притисок од гужви, персоналот не води во обиколка на апаратите за дијагностика кои просечениот македонски пациент ги видел само на филм.
Томографот е само еден елемент од системот, чија функција е да ја види и открие секоја малигна клетка во телото на еден човек. Прецизноста на апаратот, за многумина ќе ја направи разликата меѓу продолжување на животот и смртта.
Но, личните судбини на овие пациенти не се единственото тажно во македонскиот ПЕТ Центар. И една година од отворањето, објектот произведува изотопи само за сопствени потреби иако, според плановите, требаше да продава во регионот и да прави профит. Втор голем проблем е што прима малку пациенти. Последните два месеца во институцијата се прегледани по околу 100 пациенти месечно, но просекот од целата прва година е далеку понизок, само 50-тина месечно.
– Овој центар има огромен капацитет и би било жално, тој потенцијал што го има, на национално и на регионално ниво, да не биде искористен во поголем процент и ние работиме на тоа паралелно, изјави директорката на ПЕТ центарот.
Но, зошто Центарот не е подобро искористен цели 12 месеци по отворањето? Директорката Емилија Јаневиќ–Ивановска, која е на позицијата од времето кога министер беше Никола Тодоров, оправдување наоѓа во малото искуството, особено за производството и продажба на изотопи.
– Капацитетот можеби не е ниту 10% искористен, меѓутоа па и само една година, ако зборува од перспектива 10-15 години од моментот сега, веројатно таа година дена и тие 10% или сега… не ме држете за бројка, дека условно речено таа мала искористеност е веројатно степен во развој на една институција. Значи, ние сме се уште во таа детска возраст. Еден развоен пат. И во центрите во Европа кога ќе се прави нов центар, па развојниот пат си е развоен пат, ние сега одиме кон адолесценција, ќе видиме, смета Јаневиќ – Ивановска.
Тој развоен пат, според Јаневиќ–Ивановска, меѓу другото, опфаќа тренинг на персоналот, валидација на процесите, воспоставање протоколи. Сега, според директорката, останува да се изоди уште кус пат за Центарот да почне да продава изотопи па и да прима повеќе пациенти. За клучни се сметаат регистрацијата на препратите и зголемување на бројот на вработени во економската и правната служба.
– Малку треба да почнеме дистрибуција во државата, бидејќи ние имаме приватни институции за кои колку што сум информирана купуваат исти изотопи, кои ние ги правиме, од странство. Што значи дека за тоа ни треба многу малку. За другото, ни требаат некои административни постапки што треба да ги решиме, меѓутоа и тоа не е нешто долго, значи не се години во прашање, туку се работи за една заедничка акција која што треба да ја ставиме на хартија и многу брзо да се реализира. Значи, ние за ова и сме разговарале веќе и јас имав состаноци и со директорот на агенција за лекови и министерство за здравство, што значи ова се работи кои мислам дека веќе се, како да кажам, акциски некако. Барем таков впечаток имам, смета првиот човек на ПЕТ центарот.
Во последните месеци ПЕТ Центарот успева да ги прегледа пациентите кои доаѓаат од клиниките за онкологија и за хематологија. Тоа ни го потврди директорот на онкологија, Никола Васев, кој призна дека до неодамна имало застој, бидејќи ПЕТ центарот не може да спроведе тендери поради немање административен персонал.
– Таа мала пауза значи успеавме сега да ја премостиме за месец дена. Сите наши пациенти што беа на листа за чекање се завршени. Значи, немаме сега моментално ниеден пациент што чека. Дури и во Систина вие да сакате приватно да правите или било каде, па се чека. Мислам дека они само во четврток прават и ако полн терминот ќе ви закажат следниот, па следниот, па кога ќе има – објаснува Васев.
Позицијата на д-р Васев не е таква за да ја оцени природата на другите проблеми со кои се соочува ПЕТ Центарот. Но, министерот Венко Филипче е упатен во работите и отворено ги набројува сите недостатоци, некои и неразбирливи, цела една година по стартот на работата на една институција.
– Значи, таму се уште нема доволен број на правници, економисти во нивната правна служба кои можат да ги спроведат сите постапки, јавни набавки, да ја средат целокупната документација за тоа како е преземен ПЕТ Центарот, луѓето коишто ја граделе зградата, ги инсталирале тие апарати, се уште има проблем со гаранциите на апаратите коишто веќе таму се инсталирани, дел од нив се веќе поминати и сето тоа создава проблеми во тековното работење на ПЕТ Центарот. Затоа, од време на време, се соочуваме со недостаток на радиоактивни изотопи, а заради неможност за внес во земјава, за увоз на репроматеријали коишто се користат за производство на тие радиоактивни изотопи, во еден наврат се случи донација од една италијанска компанија, после тоа се направи обид за набавка преку една друга јавна здравствена установа, но тоа не е дефинитивно решение за овој центар. Затоа, ние планираме прием на луѓе кои ќе го екипираат правниот тим на ПЕТ Центарот. Понатаму, доктори и физичари коишто ќе работат во дијагнозата, таму каде што се спроведуваат постапките на нашите пациентите за да тој ПЕТ Центар конечно профункционира како вистинска институција, вели Филипче.
Но, за разлика од директорката на ПЕТ Центарот, која ни изјави дека нема уште многу работа за да може да извезуваат радиоизотопи, министерот Филипче отворено говори за идејата – тој дел од Центарот да го преземе приватен партнер.
– Има други центри во околните земји, во Албанија, во Црна Гора, во Босна и во Србија на коишто комотно би можело да се извезува и тие радиоактивни изотопи да се продаваат. Но, ние немаме капацитет тоа да го постигнеме. Во моментов, немаме кадар, ниту пак имаме маркетинг авторизација за тие пазари. Затоа сметаме дека физибилити студијата, која што сега ќе ја започнеме, ќе ни покаже точно дали тоа треба да го направиме со партнер или пак можеме да го направиме и сами понатаму, кога ПЕТ Центарот ќе го доекипираме, ги сподели плановите со јавноста министерот.
Ниту министерот ниту директорката, сепак, не дадоа подетална временска рамка, освен „наскоро“, за тоа – кога ќе почне извозот и кога ќе се доекипира центарот. Дотогаш, ќе остане најсложениот здравствен објект во историјата на Македонија од 16 милиони евра, единствен од Атина до Виена, кој може многу, но од разни, навидум лесно надминливи причини, прави многу малку.
Напишете коментар