Прашан за атмосферата во која помина вчерашниот министерски состанок на НАТО, особено по пораките од Вашингтон кои се однесуваат на Украина, министерот за одбрана кажа дека за разлика од претходно реториката е сосема сменета и како претходно се зборувало за донации за Украина, сега главна тема е постигнувањето мир во земјата
Мисајловски од Брисел патува за Германија, на Минхенската безбедносна конференција, како дел од македонската делегација што ќе ја предводи премиерот Христијан Мицкоски, а во која ќе бидат и министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, за внатрешни работи Панче Тошковски и за европски прашања Орхан Муртезани
Идејата што ја промовираат САД земјите членки на НАТО да издвојуваат најмалку 5 отсто од националниот БДП за одбрана е многу тешко достижна цел за Македонија, вели министерот за одбрана Владо Мисајловски во интервјуто за магазинското издание на „360 степени“ емитувано синоќа на МРТ 1.

Сепак, Мисајловски, со кого разговаравме во Брисел каде што тој присуствуваше на министерскиот состанок на НАТО, не отфрла дека со добри политики и заштеди земјава ќе може да го зголеми буџетот за одбраната, кој сега е околу 2 отсто од БДП и, како што вели министерот, тоа е сериозна сума што се издвојува.
„За да стигнеме до пет проценти, ние постепено треба да ја качуваме нашата ставка, односно во делот на процентите во буџетот од БДП. Јас се надевам дека ќе правиме добри политики, дека ќе имаме заштеди каде што ќе можеме дополнително да го зголемуваме буџетот во модернизацијата, пред сè бидејќи има процент колку од тој буџет треба да биде наменски“,
вели министерот.
Но, како што посочува тој, не е доволно само да се направи и фиктивно да се прикаже дека го имаме тој буџет, туку треба и правилно да се искористи во модернизација на Армијата.
„Ние можеме да преземеме каква било одговорност тука во НАТО дека ќе купуваме дополнителна опрема, но треба да ја погледнеме реалноста и низ годините што следат внимателно да го програмираме сето тоа за да покажеме дека да, навистина се модернизираме, но нема да излажеме бидејќи не може само тукутака да речете – да, ќе достигнеме следната година пет проценти кога треба исто така да се градат училишта, болници или да се помага секој еден сектор во државата“,
наведува Мисајловски.
Прашан за атмосферата во која помина вчерашниот министерски состанок на НАТО, особено по пораките од Вашингтон кои се однесуваат на Украина, министерот за одбрана кажа дека за разлика од претходно, реториката е сосема сменета.
Имано, како што вели тој, ако во претходните месеци се зборувало за донации за помош на Украина во нејзината одбрана од руската агресија, сега главна тема е постигнувањето мир и како да се пристапи до решението, особено по разговорот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин.
„Се разговара за нов план, а тоа е планот за мир и да, има многу прашања како Европа сега ќе биде дел од целиот овој процес на преговори, но најважно од се е што реториката е сменета и секоја земја се обидува да се најде во делот на постигнување на мирот… Се поставуваат многу прашања и многу дилеми токму на овој состанок, но реториката е сосема сменета, се оди кон правецот на мир. Јас го поздравувам сето тоа, да се оди во правец на мир, но Европа мора да биде исто така дел од тој процес. Но, она што во овој момент е најважно е тоа што новата администрација, посебно од Америка бараат како планот побрзо да се реализира и обновата што ќе следи во следниот дел, односно како земјите членки дополнително да издвојуваат, тоа се однесува и на нас, за обнова на Украина во различни сегменти“,
вели министерот за одбрана.
Мисајловски од Брисел патува за Германија, на Минхенската безбедносна конференција, како дел од македонската делегација што ќе ја предводи премиерот Христијан Мицкоски, а во која ќе бидат и министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, за внатрешни работи Панче Тошковски и за европски прашања Орхан Муртезани.
Минхенската безбедносна конференција, 61. по ред, почнува денеска и ќе трае до 16 февруари, а на неа како што информираат од Владата ќе се разговара за клучните надворешни и безбедносни предизвици кои се актуелни прашања на политичките лидери.
На конференцијата ќе присуствуваат украинскиот претседател Володимир Зеленски, американскиот потпретседател Џеј-Ди Ванс и државниот секретар Марко Рубио.
За време на Конференцијата премиерот Мицкоски се очекува да има средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, со претседавачот на Минхенската конференција амбасадорот Кристоф Хојгенс, со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, како и други политички лидери.