Шест наставници и пет ученици од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје се позитивни на ковид-19, а уште 20 ученици се во самоизолација поради контакт со заразените.
Како што вели директорот на училиштето Филип Фидановски за МИА, донесена е одлука наставата за учениците во целост да биде онлајн до 2 април, а не исклучува можност да трае и понатаму до завршување на овој нов бран на вирусот.
Професори од училиштето со допис до медиумите реагираа дека директорот со самоволна, неоправдана и притивзаконска одлука го затворил за настава училиштето ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ кое, како и средното музичко училиште, има дозвола за настава со физичко присуство за практичниот дел.
Фидановски ги отфрли нивните обвинувања и изјави дека мерката е превентивна зашто се заразени шест наставници и пет ученици, а 20 се во други во самоизолација и вели дека не се работи за затворање на училиштето, туку наставата ќе продолжи онлајн за учениците, а наставниците што не се заразени ќе предаваат од работното место.
„Одлуката е донесена превентивно и само за да нема понатамошно ширење на вирусот од деца на професори. Училиштето си работи, професорите кои не се во изолација доаѓаат на работа, држат часови од училиште. Одлуката е само за учениците да не доаѓаат за да нема ширење со оглед на ситуацијата во целата држава. Имаме присуство на деца кои го пренесуваат вирусот и тоа може да придонесе за ширење во овој бран. Што ако се разболат сите професори, тогаш кој ќе предава?“,
изјави Фидановски.
Одлуката е донесена, рече, согласно член 92 од Законот за средно образование, според кој директорот е тој што ја организира наставата во училиштето и додава дека проценил оти е подобро да преминат во целост онлајн отколку да се разболат сите во училиштето, а се консултирал и со епидемиолог.
Во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ општообразовната настава се организираше онлајн, а за практичната учениците секој ден одеа во училиште според распоред на часови. Училиштето има околу 290 ученици и 37 професори.