Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски соопшти дека полицијата привела пет лица во врска со исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје. Тој во интерес на истрагата одби да открива повеќе детали и потенцира дека интензивно се работи на расчистување на случајот.
„Синоќа доцна во ноќта се работеше исто така интензивно, имаме приведено 5 лица и обезбедено едно возило со коишто се продолжува понатаму работењето. Тоа е нешто плус што го презедовме во однос на сето она како доказ или трага, со цел да дојдеме до целосно расчистување на овој случај“,
потенцира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Предвременото соопштување детали прави проблеми за истрагата, истакна Спасовски и потенцира дека вчера изјавил оти не е точно дека на Вања ѝ се губи траг кај „Силбо“, односно кај „Броз кафе“, со цел да не се шират повеќе шпекулации.
„Ви се заблагодарам на сите вас заради тоа што навистина објективното пренесување на сите информации, па и околу овој случај, сериозно влијае на спротивставувањето на лажните вести и на сите оние коишто сакаат од неразбирливи причини, без разлика од што се мотивирани, да ги пласираат во јавноста“,
рече Спасовски.
Потрагата по девојчето трае од понеделникот кога мајката пријави дека Вања исчезнала околу 7 и 30 часот на пат кон училиштето. На денот на исчезнувањето (27 ноември) на себе носи син блузон, црна јакна, црни фармерки со странични џебови и бели патики со кафеави линии. Со себе носи школски ранец и мобилен телефон „ајфон“.
Фотографии од девојчето беа залепени во центарот на градот со надеж дека некој од минувачите ќе се присети на каква било информација. На социјалните мрежи шести ден се шири и фотографија од Вања Ѓорчевска на која е испишана порака на англиски јазик, упатена до сите во Србија, Косово, Албанија, Бугарија и Грција и до сите во светот и на која се наведува дека девојчето е исчезнато.