Пет години подоцна, дел од учесниците во протестите сметаат дека „Шарената револуција“ ги исполни целите и оствари значајно влијание врз општествено-политичките случувања, а други велат дека таа е единствената револуција што ја изеле нејзините деца.
„Со намера да придонесам во решавањето на кризата и релаксирање на односите и намалување на тензиите меѓу спротивставените политички сили и нивните поддржувачи, а свесен за последиците за државата и граѓаните ако ништо не се преземе во оваа тешка криза, свесен за последиците врз мене со преземањето на овој чекор, но и со силна верба дека носам одлука во интерес на државата и нацијата, нејзината стабилност и независност, одлучив да се стави крај на оваа агонија на Република Македонија“
образложи претседателот Ѓорге Иванов на 12 април 2016 година.
Испровоцирани од одлуката за аболиција на 56 политичари и нивни соработници, осомничени за скандалот со прислушувањето, вечерта на 12 април 2016 година, илјадници граѓани излегоа на протест во центарот на Скопје. Револтот што се излеа на улиците, а уште повеќе кон институциите што ги сметаа за заробени и нефункционални се манифестираше преку симболично фрлање боја на објектите од проектот „Скопје 2014“, што практично го означи стартот на „Шарената револуција“.

Дијаметрално спротивни ставови на демонстрантите
Пет години подоцна, дел од учесниците во протестите сметаат дека „Шарената револуција“ ги исполни целите и има значајно влијание врз општествено-политичките случувања денес. Поранешниот пратеник и граѓански активист Павле Богоевски вели дека гледано низ призма на барањата испорачани од демонстрантите за време на „Шарената револуција“ таа може да се смета за успешна – аболициите беа поништени, а предметите од прислушуваните разговори стигнаа на суд. Но демократизацијата на институциите според него е процес на кој треба уште да се работи.
„Случувањата по завршувањето на ‘Шарената револуција’ се оние што денес предизвикуваат резерви кај дел од граѓаните. Многумина од нас, вклучувајќи ме и мене, мислеа дека битката за закрепнување на нашето општество ќе заврши со самата револуција. Тоа што денес е очигледно е дека битката за слободни и демократски институции не е и не може да биде готов производ, нешто што сметаме дека ќе го постигнеме само со протест и дека тука работата е завршена. Тоа е процес на кој постојано треба да се работи, за кој е одговорно и е во сопственост на целото општество“,
вели Павле Богоевски.

„Шарената револуција“ е веројатно единствената што ја изедоа нејзините деца, обично е обратно – е коментарот на активистката Симона Спировска, една од учесничките во протестите. Според неа, разочарувањето не е од „Шарената револуција“, туку од злоупотребата за партиско-политички цели и за задоволување на личните интереси.
„Едни ја искористија за напредување во кариерата, други побрзаа да се откажат, а трети беа жртвувани бидејќи на политичките партии така им одговара. Не знам зошто се надевавме дека би можело да биде поинаку. И не, ова не значи дека сите се исти, бидејќи оваа е веројатно најспинувана изрека, а и најизлитена. Сите следни што нема да се справат со криминалот се полоши од претходните. Не верувам во истост, ама верувам во криминал што се наследува и се надградува, зашто го гледам. Не разочара ‘Шарената револуција’, разочаравме ние, бидејќи не ја искористивме шансата. Влијанието што денес го има е сведено на партиски прозивки. Влијанието е сведено на ‘каде се сега’, а нам ни останува да не се откажуваме“,
вели Симона Спировска.

Никулец на критичката мисла беше Првата архи-бригада
„Шарената револуција“ беше круната на долгогодишната битка против недемократскиот начин на управување со државата, криминалот и алчноста на власта која дополнително го предизвика бесот кај граѓаните по одлуката на претседателот Иванов да прогласи аболиција и со тоа да ја анулира работата на тукушто формираното Специјално јавно обвинителство. Токму затоа и збирното место на учесниците на демонстрациите беше зградата во која беше сместено СЈО.

Сепак, како никулци на ваквиот тип отпор против наметнатите и недемократски решенија може да се сметаат студенти од Архитектонскиот факултет од Првата архи-бригада кои во март 2009 година излегоа на протест против идејата за изградба на црква на плоштадот во Скопје. Тие беа нападнати од жестоките приврзаници на тогашната власт маскирани како поддржувачи на МПЦ.

Следните помасовни протести беа во јуни 2011 година по обидот да се затскрие убиството на Мартин Нешковски, додека живоста на критичката мисла во сета своја смисла ја покажаа студентите, кои преку својот Пленум на протестите што се одржуваа во периодот од 2014 до 2015 година решително се им спротивставија на обидите на власта за укинување на академските слободи.