Американските и руските претставници денеска се сретнаа во Ријад на разговори на највисоко ниво досега меѓу двајцата поранешни непријатели од Студената војна за ставање крај на војната во Украина
Кремљ денеска објави дека суверено право на Украина е да одлучи дали ќе се приклучи на Европската Унија и дека Москва нема намера да му диктира на Киев како да пристапи кон ова прашање.
Запрашан дали Украина може еден ден да се приклучи на Европската Унија, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече:
„Тоа е суверено право на секоја земја. Зборуваме за интегративни и економски интегративни процеси. И овде, се разбира, никој не може ништо да диктира на ниту една земја и ние нема да го сториме тоа“,
рече Песков.
Тој, сепак, додаде дека руската позиција е поинаква кога станува збор за влезот на Украина во воените сојузи.
„Постои сосема поинаков став, се разбира, за безбедносните прашања поврзани со одбранбените или воените сојузи“,
рече Песков.
Американските и руските претставници денеска се сретнаа во Ријад на разговори на највисоко ниво досега меѓу двајцата поранешни непријатели од Студената војна за ставање крај на војната во Украина.
Се очекува тие да разговараат за начините за ставање крај на тригодишниот конфликт во Украина и за обновување на американско-руските односи. Нивните разговори би можеле да го отворат патот за самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин.
Украина, која не присуствува, вели дека не може да се склучи мировен договор во нејзино име.
„Ние, како суверена земја, едноставно нема да можеме да прифатиме никакви договори без нас“,
рече претседателот Володимир Зеленски минатата недела.