Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска изјави дека Берлин ги укина ограничувањата на Украина за употреба на оружје со долг дострел
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека одлуката на повеќе европски држави да го суспендираат ограничувањето на дострелот на ракетните напади на Украина врз руска територија е потенцијално опасна и е спротивна на обидите за постигнување решение.

„Одлуките, доколку навистина се донесат такви одлуки, се апсолутно спротивни на нашите аспирации за постигнување политичко решение и напорите што моментално се вложуваат во рамките на тоа решение. Тоа е прилично опасна одлука“,
наведе Песков.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска изјави дека Берлин ги укина ограничувањата на Украина за употреба на оружје со долг дострел.
„Велика Британија, Франција, САД, а сега и Германија, ги укинаа ограничувањата за дострелот на нивното оружје испорачано во Украина, што значи дека Киев сега може да напаѓа позиции на руска територија со оружје со долг дострел“,
посочи Мерц.
Тој додаде дека Украина сега може да се одбрани, на пример, со напаѓање на воени позиции во Русија.
„До неодамна, таа не можеше да го направи тоа, освен во многу ретки случаи, а не го правеше тоа“,
посочи Мерц.
Украина претходно доби ракети со долг дострел од САД, Велика Британија и Франција, меѓи кои и АТАЦМС, „Сторм шедоу“ (Storm Shadow) и СКАЛП, но првично ѝ беше дозволено да ги користи само против руските воени сили на окупираните украински територии.