Таквиот став на бугарските власти тешко може да се објасни со нешто – ова е првата работа. Второ, тоа, се разбира, не се вклопува во ниедна рамка. Трето, тоа е апсолутно апсурдно и дури може да се каже глупаво, вели Песков

Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател, смета дека одлуката на бугарските власти да не дозволат прелет на авионот со официјалната претставничка на руското МНР, Марија Захарова, кон Северна Македонија „не се вклопува во ниедна рамка“ и тоа е „апсурден и глупав став“.
„Таквиот став на бугарските власти тешко може да се објасни со нешто – ова е првата работа. Второ, тоа, се разбира, не се вклопува во ниедна рамка. Трето, тоа е апсолутно апсурдно и дури може да се каже глупаво“,
вели претставникот на Кремљ, кој изјавата ја објави на Телеграм.

Песков во изјавата апелира до бугарското раководство и ги повикува да се обидат со сите сили да задржат присебност во одлуките што ги носат.
Изјавата на Песков доаѓа откако бугарските власти, и покрај претходно даденото одобрување, не дозволија прелет на авионот со кој шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, а во кој беше и портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, синоќа пристигна во Скопје за Министерскиот совет на ОБСЕ.
Бугарската страна одбила да дозволи авионот на рускиот министер да прелета доколку во него е портпаролката на руското МНР.
Захарова, на Телеграм, одлуката на Бугарија ја окарактеризира како „злобна глупост на русофобите“.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров пристигна рано утрово во Скопје за да учествува на Советот на министри за надворешни работи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
Авионот со кој шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров допатува во Скопје прелетал преку воздушниот простор на Турција и Грција, иако претходно се очекуваше маршрутата да оди преку Бугарија.