Откако удрил во пешакот, кој бил на пешачки премин, возачот го напуштил местото, а 15 минути подоцна се вратил, но без автомобилот

Полицијата во Кичево го лишила од слобода 18-годишниот кичевчанец Ф.Л., кој со своето возило удрил во 82-годишен пешак и го напуштил местото на несреќата. Подоцна, пешакот поради сериозноста на повредите починал.
Инцидентот, како што информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР), се случил на 25 август во 6:55 часот на булеварот „Ослободување“, кога Ф.Л. со автомобил „ситроен саксо“ удрил во 82-годишниот С.Ш. на пешачки премин. Возачот го напуштил местото, но се вратил во 7:10 часот, овој пат без возилото.
Поради тешките телесни повреди, пешакот првично бил згрижен во болницата во Кичево, а потоа, поради сериозноста на повредите, бил префрлен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што, и покрај напорите на лекарите, починал во 21 часот.
Возачот е задржан во полициската станица, а од МВР велат дека работат на целосно расчистување на случајот, по што против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.