Се продолжува периодот за престој на странци на кои за време на вонредната состојба им истекле дозволите за краткорочен престој во земјава. За таа цел Владата донесе дополнување на Уредбата со законска сила од 20 март за примена на Законот за странци за време на вонредна состојба, како и за периодот по престанокот на вонредната состојба.
Од МВР информираат дека периодот на престој се продолжува, како за времетраење на вонредната состојба така и по завршување на вонредната состојба, до 31 август 2020 година.
„Исто така, се продолжува рокот на важноста на дозволите за привремен престој и на дозволите за постојан престој, чиј рок на важност истекол или истекува за време на вонредна состојба. И во овој случај, важноста на дозволите за престој се продолжува и по завршување на вонредната состојба, до 31 август 2020 година“,
соопштија од МВР.
Со оглед на тоа што во наредните месеци се очекува постепено нормализирање на состојбите, отворање на граничните премини и враќање во функција на сите видови патнички сообраќај, од МВР им укажуваат на странците да го следат развојот на ситуацијата и доколку се создадат условите за патување во овој период, да пристапат кон постапки за регулирање престој, согласно одредбите од Законот за странци.
