Ваквото однесување, вели Перински, сериозно ја нарушува позицијата на ЗЕЛС затоа што само единствен ЗЕЛС може да биде сериозен партнер на Владата во разговорите за унапредување на системот на локалната самоуправа и на развојот на општините

Најавата од општините Струмица и Карпош за излегување од Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) ќе ѝ штети не само на Заедницата, туку и на сите други општини, смета министерот за локална самоуправа Златко Перински.
Според Перински, ЗЕЛС е единствената асоцијација на единиците на локалната самоуправа што ги застапува интересите на општините пред Владата.
Ваквото однесување, вели Перински, сериозно ја нарушува позицијата на ЗЕЛС затоа што само единствен ЗЕЛС може да биде сериозен партнер на Владата во разговорите за унапредување на системот на локалната самоуправа и на развојот на општините.
„Ваквите потези не се решение. Со пренасочување на вниманието и политизирање на случајот, губат сите, а најмногу граѓаните“,
вели Перински во изјава за МИА.
Градоначалниците на Карпош и на Струмица најавија дека ќе ја напуштат ЗЕЛС. Струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов рече оти одлуката е донесена во знак на револт поради индиферентниот однос во периодот кога струмичани се соочуваат со забрана за водата за пиење, како и по одбивањето од Владата за реализација на единствениот пријавен проект од оваа општина со средства од унгарскиот кредит.
Костадинов најави и дека ќе поднесе оставка и од функцијата член на Управниот одбор во ЗЕЛС.
И градоначалникот на скопската општина Карпош, Стевче Јакимовски, вчеравечер најави дека ќе му се придружи на Костадинов и на Општина Струмица во најавата да ја напуштат ЗЕЛС. Рече дека одамна се подготвувал за ваквиот потег.
Тој посочи дека истото треба да го направи и градоначалничката на Градот Скопје, Данела Арсовска, оти градот е главен финансиер на ЗЕЛС, а за возврат не добива ништо.
По ваквите најави на Костадинов и Јакимовски, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, упати апел до нив „да се вразумат“ и да ја преиспитаат својата одлука за излегување од Заедницата на единиците на локалната самоуправа.