Искажувајќи ги своите амбиции за потенцијален кандидат за градоначалник на главниот град од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, министерот за локална самоуправа вели дека има многу визии за Скопје и додава дека на градот му е потребна долгорочна стратегија
Министерот за локална самоуправа Златко Перински повторно ги искажа своите амбиции за потенцијален кандидат за градоначалничкото место во Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, но вели дека, сепак, се важни околностите во кои ќе се носи одлуката при избор на кандидатот за градоначалник.
„Да му дадеме шанса на времето. Да видиме што ќе се случува во иднина, сепак, и околностите се важни во кои ќе се носи одлуката. Верувам дека предлогот кој ќе се даде од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, до извршните тела во рамки на партијата ќе биде најсодветното решение и секако сум убеден сум дека тој предлог кој и да е, ќе биде идниот градоначалник на Скопје. Во моментов навистина уживам во она што го работам, се трудам да го дадам максимумот, а да оставиме да видиме каква ќе биде одлуката на партиските тела па да видиме што ќе се случува“,
вели Перински.
Во интервјуто за емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, Перински вели дека има многу визии за Скопје.
„Скопје како град го зафати сивило, не сум видел насмевка на лице на ниту еден скопјанец и тоа е од многу фактори. А, ако тргнеме од елементарните како што се загадување, јавен превоз, одлагање на смет, тие се во делот на политиката, ние немаме нормален живот во Скопје. Немаме културен настан не се сеќавам од кога. Имаме културни домови во општините кои зјаат празни, немаат програми, немаме случувања за пензионерите, за повозрасните, за најмалите. Ако немаме трговски центар во сабота во зима немаме каде да отидеме“,
додава министерот за локална самоуправа.
Во оваа смисла Перински оценува дека квалитетот на живот во Скопје е доведен на најниско можно ниво што, како што вели, веќе не може да се планира за еден четиригодишен мандат. Вели дека на главниот град му треба долгорочна стратегија од минимум 20 години, по примерот на големите светски метрополи.