Министерката Тренчевска пред членовите зборувала за започнатиот дијалог со Сојузот на пензионери и Партијата на пензионерите, посочувајќи дека целта е новата методологија за пензиите да обезбеди континуиран раст

Пензискиот систем е стабилен и одржлив, е заклучокот кој произлезе од денешната седница на Советот за следење на состојбите во пензискиот фонд, која беше прва по изборот на новата влада.
„На седницата беше потврдена стабилноста и одржливоста на пензискиот систем и остварените резерви во висина од 1.3 милијарда денари во Фондот за ПИОМ. Притоа се дискутираше и за промената на методологијата за усогласување на пензиите, за што беше одржана претходно средба со претставниците на пензионерите“,
соопштија од Министерството за труд и социјална политика (МТСП).
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, која претседава со овој Совет, пред членовите зборувала за започнатиот дијалог со Сојузот на пензионери и Партијата на пензионерите, посочувајќи дека целта е новата методологија за пензиите да обезбеди континуиран раст.
„Целта е да воспоставиме системско решение, на долг рок. Новата методологија треба да обезбеди континуиран раст во иднина, без потреба од дополнителна интервенција од страна на институциите. Нашата цел е воспоставување на систем, кој обезбедува сигурност и изв
есност“,
посочила Тренчевска.

Покрај министерката, на седницата присуствувал и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој посочил дека седниците на овој Совет треба да бидат редовна пракса.
„Со оглед на тоа дека, денешната средба беше прва и повеќе насочена кон запознавање и отворање на дискусија, подолга и подетална средба на советот беше договорена да се реализира до крајот на овој месец“,
најавуваат од МТСП.