Заедно со Малезански, ДЗС има пет пилоти од кои тројца се професионално вработени во авиоодделението на Дирекцијата, а двајца се пензионирани пилоти со договор на дело. Од ДЗС информираат дека од Министерството за финансии добиле согласност за вработување на уште двајца пилоти на противпожарните „ертрактори“, за што ќе биде објавен оглас
Пензионираниот армиски полковник и воен пилот Роберт Малезански е нов професионален пилот во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Во договор со директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, тој прифатил да ја прекине воената пензија и професионално да се вработи во Дирекцијата за заштита и спасување како пилот и раководител на авиоодделението. Малезански ќе биде дел од најтесниот кабинет на директорот на ДЗС.

„Пензионираниот армиски полковник Роберт Малезански во својата кариера има управувано и дејствувано со различни типови летала, вклучително и борбени авиони ‘галеб’, ‘супер галеб’, ‘МиГ21’, ‘сухој 25’ и борбени хеликоптери ‘Ми17’ и ‘Ми24’, како и со различни типови спортски авиони. Во неговата армиска кариера, Малезански има извршувано повеќе должности вклучително и командант на ‘Воздухопловниот винг’ на Армијата“,
наведуваат од ДЗС.
Заедно со Малезански, ДЗС има пет пилоти од кои тројца се професионално вработени во авиоодделението на Дирекцијата, а двајца се пензионирани пилоти со договор на дело. Дополнително, од ДЗС информираат дека од Министерството за финансии добиле согласност за вработување на уште двајца пилоти на противпожарните „ертрактори“, за што наскоро ќе биде објавен оглас.
