Кавадаречки пензионери и денеска преку мирен протест упатија барања за линеарно покачување на пензиите, а минималната пензија да не е под 20 000 денари. Присутните на протестот на градскиот плоштад упатија јавен апел до сите пратеници и до Сојузот на пензионери да се заложат за ова. Од Иницијативен одбор на пензионери од Кавадарци повикаа на масовен протест.

„Се собравме да побараме подобар живот. Бараме покачување на пензиите. Во Кавадарци има 6 070 пензионери, од нив 3 000, а можеби и повеќе земаат пензија до 15 000 денари. Како да преживееме со тие примања. Затоа бараме линеарно покачување на пензиите во септември. Зошто скоро во сите општински здруженија работат пензионери со високи пензии, па плус земаат. И ние со ниски пензии знаеме, можеме и сакаме да работиме во здруженијата на пензионери, со тоа да придонесеме за подобар живот на пензионерите“,
рече пензионерката Драгица Антиќ.
Инаку, пензионери веќе подолг период протестираат во повеќе градови низ земјава барајќи поголеми пензии. Вчера пензионери на протест во Струмица побараа линеарно зголемување на пензиите за 3 500 денари.
Пензионери протестираа и пред Собранието во Скопје. Протестот на кој присуствуваа мал број пензионери од главниот град се одржа во паркот „Жена борец“. Главните барања на пензионерите беа зголемување на минималната пензија, односно едначење со минималната плата, како и воведување линеарно покачување на пензиите наместо процентуално.