САД внимателно ги следат извештаите за руски хемиски напад во Мариупол, но засега не можат да ги потврдат исказите на социјалните мрежи, изјави денеска на брифинг за новинарите Џон Кирби, портпарол на Пентагон.
„Не можеме да го потврдиме тоа. Гледаме со сериозност во тоа што се случува, набљудуваме и правиме сè што е во наша моќ да дознаеме ако нешто се случило, но не сме во позиција да го потврдиме“,
изјави Кирби.
Синоќа се појавија извештаи на социјалните мрежи дека руската армија употребила хемиско оружје во Мариупол.
Се шпекулираше и дека нервен гас бил измешан во солзавец, а на други објави се тврдеше дека хемикалии биле расфрлани со дронови.
„Очигледно тие сметаат дека ова е една од можностите да се избегне криминален прогон, со тоа што може да се употреби нервен гас во средство за контрола на маси“,
изјави Кирби и додаде дека САД засега не можат да ги потврдат тие извештаи.