Весникот, повикувајќи се на неколку функционери на Пентагон, објави дека EUCOM препорачал да не се заменуваат повеќе од 4 000 војници по нивното неколкумесечно распоредување, но не инсистирал на итно откажување на мисијата

Министерството за одбрана на САД го запре распоредувањето на повеќе од 4 000 војници од борбена бригада во Европа, објави агенцијата ДПА.
Одлуката е соопштена за време на состанокот на Европската команда на американската војска (EUCOM) и делови од американската армија, објави „Волстрит журнал“, повикувајќи се на официјален претставник на Пентагон.
Станува збор за војници што требаше да бидат распоредени во Полска во рамки на планирана деветмесечна ротација.
Американската армија во март соопшти дека бригадата ќе ги замени другите сили како дел од редовна ротација. Според „Волстрит журнал“, дел од опремата и персоналот веќе биле на пат, оставајќи некои армиски претставници изненадени од одлуката.
Весникот, повикувајќи се на неколку функционери на Пентагон, објави дека EUCOM препорачал да не се заменуваат повеќе од 4 000 војници по нивното неколкумесечно распоредување, но не инсистирал на итно откажување на мисијата.
Се додава дека се очекувало војниците да работат главно со партнерските сили во Полска како дел од операцијата „Атлантска решителност“, американска мисија започната во 2014 година по руската анексија на Крим за поддршка на сојузниците на НАТО во Европа.
Извештаите доаѓаат околу две недели откако американскиот министер за одбрана Пит Хегсет нареди повлекување на околу 5 000 американски војници од Германија, а Полска ја повтори својата подготвеност да биде домаќин на повеќе американски сили.
Полскиот претседател Карол Навроцки изјави дека речиси 10 000 американски војници моментално се стационирани во Полска, при што повеќето редовно ротираат меѓу американските воени бази низ Европа.
