Министерот смета дека јасно се оцртуваат контурите на опозицијата зашто, според него, само таа може да има интерес од еден ваков спор со оглед дека на изборите ја презеде одговорноста пред скопјани за водењето на Градот, за водењето на ЈСП и сега тоа ѝ бега од раце, не може да го реши проблемот

Министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, кој е и поранешен градоначалник на Скопје, смета дека еден милион евра не се голем проблем за Градот Скопје и за ЈСП и тоа не може да биде мотив за да се блокира Скопје и да се упропастат десетици милиони евра за трошоци на граѓаните за справување со последиците.
„По мене тој спор е лесен и едноставен. Индивидуално е тежок за сите превозници, говорам за поединци кои не примиле плата, се истрошиле и се задолжиле. Инаку гледајќи го како проблем, еден милион евра за Градот, за ЈСП, не може да биде проблем и не може да биде мотив за да се блокира Скопје, и да се потрошат десетици милиони евра, да се упропастат кај трошоци што ги прават граѓаните преку повеќе потрошени горива за превоз, поголеми трошоци за стигнување до работно место, изгубени работни часови, изгубени бизниси, затворени дуќани или фирми затоа што не може да им пристапат клиентите, тоа се огромни штети“,
вели Пенов во интервју за МИА.
Според него, оттука произлегува дека блокадите имаат политичка заднина и оценува дека протестот не бил насочен ниту кон ЈСП, ниту кон градоначалничката, туку бил насочен да ја растури политичката атмосфера во нашата држава и да го зголемува гневот и незадоволството на граѓаните кон Владата.
„Јасно се оцртуваат контурите на опозицијата, само таа може да има интерес од еден ваков спор. Бидејќи одговорноста која тие ја презеле пред скопјани за водењето на Градот, за водењето на ЈСП, им бега од раце, не можат да го решат проблемот, и се извлекуваат во еден процес во кој ни прикажуваат дека Владата треба да се инволвира и таа да го решава проблемот“,
потенцира Пенов во одговор на прашањето, која е политичката заднина на протестите.
Тој нагласува дека земјава во тој дел е целосно децентрализирана и демократизирана, па секој треба да си ја понесе одговорноста за своите надлежности.
Во однос на решение на проблемот, Пенов вели дека проблемот видливо се зголемува затоа што градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска ги раскина договорите со превозниците.
„Доколку тие останат под политичкиот притисок, да не се пријават во новата форма на организирање на јавниот превоз, тие долгорочно ќе останат без своите работни места, без приходи за своите семејства и со тоа проблемот може да ескалира дополнително“,
посочува министерот.