Најголем проблем со заразените што ги имаме не е од оние што ни влегуваат во државата, туку од тие што се веќе внатре, смета претседателот на државата
Ние по ништо не се разликуваме ниту во милиметар од сетот мерки што се преземаат во Холандија, Франција и каде сакате, за заштита од ковид-19, но проблемот е во имплементацијата, вели претседателот на државата Стево Пендаровски, во врска со порастот на бројот на новозаразени со коронавирус.
Тој признава дека кон ваквата ситуација придонесува менталитетот на луѓето, но, како што вели, за жал и менталитетот на институциите кои треба да ги применуваат прописите.
„Во овој момент постојат неколку држави во Европа кои воведуваат порестриктивни мерки за заштита, но нема ниту една која воведува целосен карантин како во април годинава. Сега сите се обидуваат да направат некаков микс меѓу шведскиот модел – економијата и училиштата да работат колку што е тоа возможно, а да не работат рестораните и кафеаните“,
рече Пендаровски во емисијата Топ тема на Телма, одговарајќи на новинарско прашање дали е потребен карантин за да се смири состојбата.
За отворањето и затворањето на државните граници во услови на пандемија посочи дека може да се гледа низ два аспекта – политички, односно дали ако некој ни затвори граница и ние треба да му ја затвориме и вториот – здравствен.
„Од она што го кажуваат здравствените експерти, најголем проблем со заразените што ги имаме не е од оние што ни влегуваат во државата, туку од тие што се веќе внатре. Со евентуално отворање на границите без ПЦР-тестови прашање е колку ќе влезат зошто фреквенцијата преку границите е катастрофална. Уверен сум дека нема да предизвика проблем отворањето на границите ако се гледаат статистиките“,
смета Пендаровски.
Прашан дали има шанса за консензус со опозицијата за битните прашања, рече дека досега договор имало само за тоа кога да има избори посочувајќи дека од моментот кога го доделил мандатот на Зоран Заев, нема никаков контакт со опозицијата.