Ако треба ќе се направат измени во Законот и ќе се додадат уште пет дена за попишување, но не можам да прифатам варијанта дека нема да се попишеме поради некакви технички проблеми и одбивам да се согласам со тoa, вели Пендаровски
Претседателот на државата, Стево Пендаровски, во вечерашното интервју за „360 степени“ зборуваше и за важноста на пописот и рече дека и покрај техничките проблеми очекува тој да заврши со 30 септември.
„Немам увид во техничките проблеми бидејќи не се разбирам во тоа. Не знам колку е сложено од технички аспект, меѓутоа знам дека имаме доволно време до 30 септември. Претходните пописи, повозрасните паметат се псорведуваат за 15 дена, а овој е предвидено да трае 25 дена. И ако е точно, а нема причина да се сомневаме во ова што го вели Заводот за статистика дека се попишани околу 200 илјади граѓани и покрај техничките предизвици, до 30 септември ќе се заврши“,
вели Пендаровски.
Додава дека не може да прифати дека населението, домаќинствата и становите не би се попишале поради технички проблеми.
„Ако треба ќе се направат измени во Законот и ќе се додадат уште пет дена за попишување, но не можам да прифатам варијанта дека нема да се попишеме поради некакви технички проблеми и одбивам да се согласам со таква варијанта“,
рече Пендаровски.
Тој додаде дека сè уште не го посетиле попишувачите, бидејќи се води на една адреса, а сега живее во претседателската вила, но се надева дека во следниве денови ќе се попише и неговото семејство.