Претседателот Стево Пендаровски соопшти дека вонредната состојба ќе продолжи за нови 14 дена. Ваквата одлука, потенцира шефот на државата, нема никаква поврзаност со преговарањата околу датумот за избори, туку е донесена врз основа на зголемениот број на новозаразени со ковид-19, а е со цел Владата и останатите институции поефикасно се справат со ситуацијата.

„Имајќи го предвид последниот развој на настаните и зголемениот број на заразени и починати лица, ќе донесам одлука за нови 14 дена вонредна состојба. Одлуката е поврзана исклучиво со намера Владата и останатите надлежни институции поефикасно да се справат со здравствените, но и со социо-економските ефекти од пандемијата и нема никаква корелација со датумот на парламентарни избори што е предмет на договарање во поинаков политички формат“,
соопшти претседателот Пендаровски.
Тој упати три пораки – до граѓаните, до Владата и до политичките лидери. На мнозинството граѓани им честита за почитувањето на мерките, но кажа дека сѐ уште не е време за опуштање.
На Владата ѝ порача дека негативните трендови во некои општини не смеат да бидат повод за враќање на рестриктивните мерки за сите граѓаните.
„Надлежните органи и министерства мора да ги санкционираат сите граѓани кои не ги почитуваат мерките, без исклучок, неселективно, сосема независно од нивната етничка и верска припадност. Со неказнувањето на оние кои свесно не ги почитуваат законите, се остава простор за враќања на кризата на самите почетоци и крајно неправедно, заради тоа сите останати треба да ги трпат рестриктивните мерки, иако за сето време ги почитувале и законите и препораките“,
рече Пендаровски.
Лидерите на политичките партии пак, ги потсети дека државата нема функционален парламент и дека мора да го договорат датумот за изборите.
„Ситуацијата е премногу сериозна. Државата нема парламент, постои техничка влада која има лимитирани овластувања, ситуацијата е премногу сериозна. Затоа барам од сите нив да бидат на висина на историската одговорност и да се договорат за датумот на следните парламентарни избори за да добиеме институции со полн капацитет и политички легитимитет. Државата едноставно не може и не смее со месеци да функционира само ако има воведена вонредна состојба“,
кажа Пендаровски.
Шефот на државата по четврти пат прогласува вонредна состојба.
*Поврзана вест: Џафери: 14 дена се доволни за лидерите да најдат консензус за изборите
*Поврзана вест: Спасовски порача дека очекува избори час поскоро