Ако една генерација ја изгуби вербата во правдата, таа ја изгубила довербата во државата, порача претседателот Стево Пендаровски на одбележувањето на 15-годишнината од формирањето на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“
За правдата не се доволни само законите, политичките одлуки и институции. За правда е потребна промена на свеста. Затоа, сите ние, политичари, судии, обвинители, правобранители мора да се согласиме околу една работа, а тоа е дека не смее да се тргува со правдата. Ако една генерација ја изгуби вербата во правдата, таа ја изгубила довербата во државата, порача претседателот Стево Пендаровски на одбележувањето на 15-годишнината од формирањето на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

Тој нагласи дека за судството да биде заштитено од потенцијални политички и економски влијанија, независноста треба да биде не само формално-правна, туку функционална и финансиска.
„Мора да се вложува во квалитетни кадри кои непристрасно, професионално и ефикасно ќе ја извршуваат функцијата. Назначувањето и унапредувањето на судиите и обвинителите мора да биде целосно деполитизирано и да се врши според транспарентни процедури и објективни критериуми, втемелени врз системот на заслуги. Токму во тоа ја гледам улогата на Академијата за судии и јавни обвинители која има клучна улога во процесот на подготовка и континуирано професионално усовршување на судско-обвинителските кадри“,
рече шефот на државата во поздравното обраќање.

Тој го спомена и ниското ниво на доверба во правосудниот систем поради неправедни пресуди или одложена правда за што смета дека посебно се издвојуваат два фактора.
„Првиот фактор се инстанците на политичко влијание во процесите за назначување и унапредување на судии и обвинители. А, вториот фактор се корупцијата и криминалот кои, тргувајќи со правдата, de facto ја поништуваат еднаквоста на луѓето пред законите. Сето ова, ја еродира надежта дека кај нас може да има ефективна правда. А надежта е она што не одржува и придвижува кон развиениот свет. Ако сакаме нашите млади да останат во својата земја и во неа да живеат, работат и да создаваат иднина, мора да им обезбедиме правда“,
рече Пендаровски.