Според Пендаровски, факт е дека конструкцијата на бугарската политичка сцена во моментов е таква што отежнува да се постигне договор
Јас мислам дека предвремени избори нема да решат ништо. Ниту ќе се реши проблемот со бугарското вето, ниту ќе се постигне договор, ниту ќе се решат економските проблеми од кои добар дел се увезени со украинската воена криза. Мене ме интересира што би донела нова политичка структура на власт за граѓаните, изјави претседателот Стево Пендаровски во своето гостување во „Утрински брифинг“.
Зборувајќи за политичката нестабилност и турбуленции дома, Пендаровски во емисијата истакна дека не гледа како кризите би можеле да се решат со нова политичка структура.
„Високите цени на енергенсите, храната и инфлацијата не е само домашен производ. Енергетската криза почна шест-седум месеци пред војната во Украина. На кој начин нова влада тука ќе има влијание на глобалните пазари на животни продукти“,
изјави Пендаровски.
Според Пендаровски, факт е дека конструкцијата на бугарската политичка сцена во моментов е таква што отежнува да се постигне договор.
„Во изминативе години имавме преголеми очекувања. Бугарскиот премиер Кирил Петков е осамен лик на политичката сцена на Бугарија. За нас таа приказна е завршена и не можеме да очекуваме промена на позицијата на Бугарија во однос на ветото што го наметна кон нашата земја. Моја проценка е дека Петков се обидува со сѐ што прави да го омекне националистичкото крило во Бугарија. Имаше анкета и кај нас во која 72 отсто од граѓаните се против договор со Бугарија, дури и при услови на зачувување на нашиот идентитет“,
вели Пендаровски.
Пендаровски потсетува дека има стравувања во врска со „Отворен Балкан“, чија идеја е добра, но постои можност да стане алтернатива на Европската Унија, во некој формат каков што предложи францускиот претседател Емануел Макрон, а веднаш беше поддржано од германскиот канцелар Олаф Шолц.
„Ние по 20 години кажување и зборување за ЕУ и НАТО, со кој образ ќе излеземе пред граѓаните и да им кажеме дека еве сега ќе се вклучиме во една нова европска иницијатива. Ние мора да знаеме дали таа иницијатива на Макрон се однесува на Украина, Грузија и Молдавија или нѐ опфаќа и нас“,
истакна Пендаровски.